Во Oпштина Зрновци се роди првото бебе во 2023 година

Жителите на Oпштина Зрновци конечно го дочекаа првото новороденче во 2023 година. На акушерското одделение при Општата болница со проширена дејност во Кочани се роди здраво машко бебе, како петта рожба во семејството на Тања и Горан Атанасови, кои веќе имаат четири сина.

Градоначалникот на Зрновци Борчо Коцев денеска ги посети новороденчето и мајката во болницата, им врачи цвеќе и подароци и најави голема помош и поддршка за семејството.

-Изразувам огромна благодарност до раководниот и акушерскиот медицински тим во болницата што овозможија породувањето да помине во најдобар ред. Со оглед што се работи за многудетно семејство во социјален ризик, нашата локална самоуправа, заедно со детската градинка „Бисерчиња“, ќе даде максимална поддршка. Бебето, кое ќе го носи името Мартин, ќе добие бесплатен петгодишен престој во градинката, потоа вредносен ваучер во висина од 50 илјади денари за потребните набавки од аптеките, а ќе спроведеме и процедура за доделување градежна парцела од 500 квадратни метри за изградба на нов дом за семејството. Четирите братчиња на новороденчето, кои се ученици во ОУ „Синиша Стоилов“ ќе добијат парична стипендија, истакна градоначалникот Коцев.

Породувањето го извршил единствениот гинеколог со кој во моментот располага кочанската болница, а бебето се родило со тежина од околу 3,5 килограми и должина од 50 сантиметри.

-Имаше спонтано пораѓање што го извршивме заедно со дежурните акушерки, новороденчето беше со добар апгар тест, го прегледа педијатар и ја следи неговата здравствена состојба. Наскоро мајката и бебето ќе бидат пуштени дома, истакна Илчо Атанасовски, специјалист по гинекологија и акушерство во Општата болница.

Од раководството на Општата болница во Кочани го честитаа раѓањето на новиот жител на Зрновци и најавија дека се работи на кадровско подобрување и зајакнување на одделот за гинекологија и акушерство.

Во средината на идната година се очекува враќање од специјализација на четири гинеколози.