Во овој момент не може да се оцени дали мостот Беласица е безбеден за употреба

Деканот на Градежниот факултет во Скопје Горан Марковски вели дека во овој момент не може да се оцени дали мостот Беласица во Скопје е безбеден за употреба или не и останува на неговиот став дека се потребни продлабочени и пообемни испитувања за утврдување на состојбата на мостот кој пред неколку месеци беше зафатен од пожар.

-Во однос на мостот Беласица и безбедноста за неговото користење досега имам повеќе пати излезено со изјави во јавноста. Мојот став дека има потреба од продлабочени и пообемни испитувања за утврдување на неговата состојба е јасен. Ниту јас, ниту, пак, Градежниот факултет имаме информации врз основа на што е донесена одлука за негово делумно пуштање во употреба. Имајќи го во предвид овој недостаток на информации не би можел да дадам подецидна и попрецизна изјава во овој момент дали мостот е безбеден за употреба или не, рече Марковски во одговор на новинарско прашање на денешниот Симпозиум на Друштвото на градежни конструктори на Македонија насловен „Отпорни конструкции”.