Најмалку девет полицајци загинаа денеска, а 16 се повредени во напад на нивното возило во југозападен Пакистан, соопштија извори блиски до полицијата.
„Бомбашот-самоубиец управувал мотоцикл и намерно налетал на возилото одзади“, соопшти локалната полиција, додавајќи дека нападот се случил на околу 120 километри југоисточно од Квета, главниот град на провинцијата Белуџистан.
Од полицијата додаваат дека бројот на жртви би можел да биде поголем, бидејќи некои од повредените се во критична состојба.
Белуџистан е голема, сиромашна и ретко населена провинција во југозападен Пакистан, која се граничи со Авганистан и Иран. Долго време беше место на етничко, секташко и сепаратистичко насилство.
Пакистан веќе неколку месеци, особено откако талибанците ја презедоа власта во Авганистан во август 2021 година, се соочува со влошена безбедност, особено во пограничните области.