Во Париз демонстрации на 700.000 луѓе против пензиската реформа, синдикатите ја интензивираат борбата

Главниот француски синдикат CGT попладнево соопшти дека на протестот против пензиските реформи во Париз се собрале 700.000 луѓе, јави локалната онлајн телевизија BFMTV која објави инциденти меѓу демонстрантите и полицијата во Париз, додавајќи дека се приведени 13 лица.
Синдикалците денеска најавија „историска“ мобилизација против пензиската реформа, која меѓу другото предвидува поместување на старосната граница за пензионирање наместо на 62 години на 64 години.
Ова се шести протести откако беше најавена реформата за која во моментов расправа Горниот дом на францускиот парламент. Предлогот прво беше разгледан во Долниот дом на парламентот со жестока дебата, но владата засега одбива да го промени или повлече својот план.
За вечерва е закажан состанок на осум синдикални организации на кој ќе се донесе одлука за продолжување на протестното движење со цел Владата да ги усвои измените на старосната граница.
Француските медиуми веќе напоменуваат дека следниот протест би можел да биде во сабота.
„Владата не може да остане глува на оваа мобилизација“, рече претседателот на синдикатот CFDT, Лоран Бергер.
Протести се одржаа и во други градови – Ница, Бајон, Марсеј, Тенс, Лион.
Во некои градови имаше инцидент и поради тоа полицијата употреби водени топови.
Денес, 10.500 полицајци и жандарми се распоредени низ Франција, од кои 4.200 во Париз.
Во текот на неделата ќе има и други собири. Утре за денот на жената се планирани собири против пензиската реформа бидејќи многу жени сметаат дека реформата е неправедна кон нив.
Студентите и средношколците најавија митинзи за четврток.
Француските возачи на камиони и собирачи на ѓубре се приклучија на националните штрајкови.Исто така, имаше голем прекин во железничките услуги, испораките на гориво беа запрени, а наставниците ја напуштија работата на шестиот ден од националните протести против плановите на Макрон да ја зголеми старосната граница за пензија за две години.
„Не сакам да работам додека не наполнам 64 години… ние се бориме да не ги изгубиме нашите права“, рече 50-годишниот камионџија Микаел Лормо на протестниот марш во градот Сен-Назер во западна Франција, еден од повеќе од 300 собири закажани низ целата земја.
„Луѓето се презаситени, исцрпени“, рече 41-годишната Џесика Трокме, синдикална лидерка во Лидл, во Сен-Назер.
Во обид да се зголеми притисокот врз пратениците, потврдокорните синдикати во Франција рекоа дека овојпат ќе има постојани штрајкови, кои би можеле да траат со денови, вклучително и во рафинериите за нафта и на железницата.
„Ќе продолжиме додека не се повлече реформата“, изјави шефот на синдикатот Force Ouvriere (FO), Фредерик Суило за радиото RTL.
Водечките синдикати во Франција досега дејствуваа со ретко единство, но наредните денови и недели ќе бидат тест за нивната способност да го одржат тој обединет фронт.
Лидерите на синдикатот ќе се сретнат вечер за да одлучат за следните чекори.