Денес, среде Париз, во Франција, на Националниот институт за ориентални јазици и култури се одржува меѓународна конференција за македонистиката како ретка научна дисциплина. Оваа конференција, следи неколку месеци по одлуката за прифаќање на иницијативата за вклучување на македонистиката во француско-германскиот проект којшто има за цел да ги мапира ретките дисциплини во Франција и Германија, со што македонистиката доби статус со којшто е гарантирана нејзината заштита и зачувување, но и нејзината самостојност на ИНАЛКО и во Франција.
Организацијата и учеството на оваа конференција го поздрави Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ). Во обраќањето од името на МСМЈЛК при УКИМ, директорката, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, таа, навраќајќи се кон забележаното од Блаже Конески, потсети дека Париз бил значаен образовно-научен центар за македонистиката уште во периодот меѓу двете светски војни.
– Таму, во Институтот за словенски студии работеле професорите Андре Мазон и Андре Вајан кои во периодот меѓу двете светски војни имаат објавено капитални дела за македонските дијалекти. Имено и двајцата биле на Солунскиот фронт за време на Првата светска војна и таму се запознаваат со говорите во Леринско и во Костурско (денес во северна Грција, некогаш во популарната Егејска Македонија). Од тука е нивниот интерес за македонистиката и сознанието дека македонските дијалекти треба да се проучуваат и обработуваат како посебна група, потсети Мојсова-Чепишевска.
Потоа, како што напомена и директорката на МСМЈЛК при УКИМ, во Париз, ИНАЛКО стана центар на странската македонистика, а Лекторатот во Париз е отворен во академската 1973/74 година и догодина ќе прослави половина век постоење. Денес, во Париз, македонскиот јазик се изучува како главен предмет и македонистиката може да се изучува и се изучува во рамките на сите циклуси академски студии – од лиценца до докторат. Впрочем, како што постсети Мојсова-Чепишевска, на ИНАЛКО е и првата професорска катедра за македонистика надвор од нашата земја.
– Имено, во изминатите години се постигнати значајни резултати во зајакнувањето и афирмацијата на македонистиката во Франција, и тоа токму на реномираниот ИНАЛКО и благодарение на упорноста и професионалноста на проф. д-р Фроса Пејовска-Бушро. Се создаваат и нови перспективи за изучувањето на македонскиот јазик, литература и култура, преку вклучувањето на македонистиката меѓу ретките научни дисциплини во Франција.. А оваа меѓународна конференција е и прва од повеќето планирани и во рамките на тој проект, посочи Мојсова-Чепишевска.
Инаку, Конференцијата започна со обраќање на раоводителката на Одделот за македонистички студии, проф. д-р Фроса Пејоска-Бушро, по што во рамките на првата сесија беа опфатени теми за преводите на Новиот завет на македонски јазик во 19. век, влијанието на Марко Цепенков и Крсте Петков Мисирков врз лингвистичките концепции на Блаже Конески, изучувањето на македонскиот јазик како странски, а одделно беа направени и паралели меѓу изучувањето и унапредувањето на францускиот јазик во Македонија и изучувањето и унапредувањето на македонскиот јазик во Франција, а одделно се говореше и околу проект поврзан со граматиката на македонскиот јазик. Исто така, еден реферат беше посветен и на творештвото на Васил Хаџиманов (1906-1969).
Во натамошниот тек на конференцијата ќе доминираат темите за книжевноста, уметноста, книжевниот превод и издаваштвото. Меѓу другото ќе биде проектиран и филмот за ангелот од Курбиново на Роберт Марто, од 1969 година. Покрај тоа и покрај рефератите и научната дискусија, одделно внимание ќе биде посветено на најновите преводи на дела од современата македоонска книжевност на француски јазик – избор од есеистичкото творештво на Горан Стефановски, „Мојот маж“ од Румена Бужаровска и „Страв од варвари“ од Петар Андоновски. На овој дел од конференцијата ќе учествуваат и преведувачката Марија Бежановска и претставници на издавачките куќи.
Од нашата академска заедница, на Конференцијата, меѓу другите учествуваат и акад. Катица Ќулавкова, проф. д-р Владимир Мартиновски, проф. д-р Ана Димишковска, доц. д-р Борче Арсов и м-р Ѓоко Здравески, кој во моментов е лектор по македонски јазик на ИНАЛКО. Дел од учесниците од Франција се и семинаристи на школите на МСМЈЛК при УКИМ.
По оваа конференција, се очекуваат и следни, во 2023 година, кога ќе се одбележи големиот јубилеј – 50 години од отворањето на Лекторатот по македонски јазик на ИНАЛКО.