![maturska-parada-640x426](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2016/05/maturska-parada-640x426.jpg?resize=640%2C426&ssl=1)
Годинава, оваа традиционална манифестација посветена на матурантите ќе се одржи по десетти, јубилеен пат.
– Пред нас е десеттото издание на манифестацијата „Матурска парада“ во кое очекуваме да се вклучат повеќе од 1.000 матуранти од 20 средни училишта од Скопје, како и матуранти од Струга, Охрид, Струмица, Валандово, Гевгелија и од Неготино. Ми претставува особена чест што оваа веќе традиционална манифестација секоја наредна година привлекува се поголем број матуранти кои доброволно се пријавуваат за учество. Заедно со матурантите од Скопје и од другите градови од земјава, во петок во исто време квадрил ќе заиграат и матурантите од 15 европски држави и 120 градови. Пред почетокот на матурската парада матурантите ќе дадат изјава за ненасилство со што оваа манифестација придонесува за зајакнување на толеранцијата меѓу младите и повисоки цивилизациски вредности. За искрената поддршка на „Матурска парада 2016“ и за одличната соработка сакам да се заблагодарам на Градот Скопје и на Делегацијата на Европската унија во нашата земја – рече Никола Глигоров, од Дирекцијата за култура и уметност, на денешната прес-конференција на која беа соопштени деталите за годинешната „Матурска парада“.
Даниела Захариева Адамова, раководител на Секторот за образование во Град Скопје, денеска нагласи дека Градот Скопје и годинава е покровител на манифестацијата „Матурска парада“.
– Матурската парада прерасна во своевиден бренд на Скопје, манифестација која стана битен дел од културно-забавниот живот на младите во нашиот град. Ова случување само ја најавува низата активности што Градот Скопје во наредните денови ќе ги посвети на матурантите, а станува збор за екскурзии, едукативни посети и манифестации. Тие активности ќе кулминираат со традиционалната „Средба меѓу првиот и најдобрите“ во која ги наградуваме најдобрите матуранти од сите средни училишта на Град Скопје – нагласи Адамова.