Корона вирусот престана да се шири во поголемиот дел од Шангај, а нешто помалку од милион луѓе сè уште се во карантин бидејќи градот постепено се отвора, соопштија властите, додека економските податоци го покажуваат негативното влијание на кинеската стратегија „нулта ковид“. Во соопштението се вели дека 15 од 16 области во Шангај кои не се во карантин го запреле преносот на корона вирус и епидемијата е под контрола.
Супермаркетите, трговските центри и рестораните денеска се отворени со ограничувања на бројот на луѓе и контакти, додека ограничувањата за движење остануваат на сила, а метрото е сè уште затворено.
Во град со 25 милиони жители, многу луѓе се затворени во своите домови, имоти и населби повеќе од 50 дена, а датумот на целосно отворање е 1 јуни.
Немилосрдната и често хаотична примена на рестриктивни мерки во борбата против вирусот во Шангај предизвика протести поради недостиг на храна, медицинска нега, слобода на движење и многу ограничени права на приватност.
И покрај ова, Кина ги отфрли сите критики за стратегијата за затворање и остана посветена на „решително да се бори против какви било обиди за искривување, доведување во прашање или отфрлање“ на нејзината „анти-ковид политика“.
Кина денеска објави 1.159 нови случаи на инфекција, од кои повеќето се во Шангај. Речиси сите случаи биле инфекции без симптоми.