Во Полска сменети командантите на војникот кој пребега во Белорусија

Разрешени се од нивните должности надредените команданти на полскиот војник кој пребега и побара политички азил во соседна Белорусија , соопшти во петокот министерството за одбрана на Полска.

Претходно белоруската погранична служба објави дека полскиот војник побарал политички азил од Минск.

Во објавата се наведува дека „во врска со несогласувањето со политиката на Полска во однос на миграциската криза и практиката на нехумано однесување со бегалците, војникот побара политички азил во Република Белорусија“.

„По пријавата од командантот на 16-та механизираната дивизија, генералот Радомски, министерот за национална одбрана Мариуш Блашчак донесе одлука да ги разреши командантите на војникот кој се најде во Белорусија. Разрешени се командантот на батеријата, командантот на водот и командатнтот на втората дивизија“, се наведува во објавата на полското министерство.

Претходно министерот Блашчак изјави дека војникот од претходно имал судир со законот и не требало да биде испратен да служи на границата кон Белорусија во услови на тензии поради мигрантската криза која го влоши и онака лошите односи меѓу Варшава и Минск.

Според извори во полските безбедносни структури, војникот пребегнал на белоруската територија без личното вооружување.