Во поттикнувањето на извозот во Русија, Индија смета и на плаќање во рупии и рубљи

Индија во понеделникот соопшти дека размислува за зголемување на извозот во Русија, укажувајќи дека планира да ги поттикне плаќањата во рупии и рубљи и да ја повика Москва да ги укине нецаринските бариери за одредени групи производи.

Во индиската фискална година, која заврши во март, вредноста на руско-индиската трговска размена се зголеми за околу 30 отсто, на 65,7 милијарди долари. Огромен дел од овој износ го сочинува рускиот извоз кој достигна 61,43 милијарди долари. Индискиот извоз на лекови, машини и други стоки во Русија се зголемил само малку, забележува Reuters но не приложува конкретни податоци.

Владата во Њу Делхи побара од Москва, според министерот за трговија Сунил Бартвал, да ја разгледа можноста за промена на некои нецарински бариери за увозот на индиски прехранбени производи од морска храна.

Индија, исто така, инсистира за плаќања во рупии и рубљи, кои допрва треба навистина да полетаат, и има намера да испрати трговска делегација во Москва, рече Бартвал без да изнесе поединости.

„Кога станува збор за Русија, сакаме да утврдиме како двете земји би можеле да имаат полза од подобри трговски односи. Разгледуваме различни групи стоки, на пример електроника, инженерски производи и други стоки што би можеле да се извезат“, рече индискиот министер.

Во текот на посетата на индискиот премиер Нарендра Моди на Москва минатата седмица, со претседателот Владимир Путин наведоа девет клучни области во коишто Русија и Индија планираат поблиску да соработуваат, почнувајќи од нуклеарната енергија до медицината, истакнувајќи дека имаат за цел да ја зголемат вредноста на билатералната трговија на 100 милијарди долари до крајот на деценијата.