Во пожарите на Урал четворица загинати

Делови од планинскиот масив Урал се зафатени со пожари, а во огнената стихија загинале четири лица и дел од локалното население мораше да биде евакуиран, соопштија во понеделникот властите, додавајќи дека се отворени повеќе истраги.

Шумските пожари не се невообичаени во доцната пролет и лето ширум големиот шумски покрив на Русија и степите, но неодамнешните случаи на саботажи предизвикаа сомневања дека можеби станува збор за подметнат пожари или за негрижа.

Пожарите се прошириле на некои населби во јужниот регион Курган каде што пристигна во понеделникот рускиот министер за вонредни ситуации Александар Куренков. Регионалните власти покренаа кривична истрага за големиот пожар кој во неделата усмрти три лица и уништил повеќе куќи и службени простории.

„До ширењето на пожарот дошло поради можна негрижа на одговорните службеници“, соопшти одделот на Истражниот комитет за Курган.

Девет од 13-те пожари се ставени под контрола, извести агенцијата ТАСС, но големи пожари, исто така, ги погодиле областите Свердловск и Тјумен на југот на Урал.

Во мало село во областа Свердловск избувнал пожар во складиште за барут, но е изгаснат во неделата вечерта, но во тоа подрачје сѐ уште се активни 53 пожари кои зафатиле површина од 54.000 хектари. Во гаснењето на пожарите ангажирани се 4.800 лица.

Независниот информативен портал СОТА некои од пожарите ги припишува на експлозии и подметнати пожари. Потсетува дека во април, во пожар од непозната засега причина загинало едно лице, а стотици луѓе останале без домовите.

Во областа Тјумен горат 23 пожари. Едно лице загинало во обид да изгасне пожар во селото Красниј Јар, додека две се повредени. Во две места во овој регион уништени се 120 објекти.

Метеоролозите и властите кон средината на април предупредија дека поради невообичаено високите температури кои се очекуваат треба да се преземе поголема претпазливост и во областите на Урал, како и на рускиот Далечен исток и шумските области на Сибир.