Во РЕК Битола одбележан „Денот на рударите“; платите на вработените ќе се покачат за 15 отсто

Одбележувањето на „Денот на рударите“ во РЕК Битола заврши со потпишување на Спогодба за измена на Колективниот договор на АД ЕСМ меѓу генералниот директор на компанијата, Васко Стефанов, и претседателот на синдикалната организација, Јове Смилевски, со која платите на вработените се зголемуваат за 15% почнувајќи од септемвриската плата.

„Почитувани рудари, вие со вашата посветеност и максимални напори сте првите во синџирот на производство на електричната енергија и со гордост претставувате еден од основните столбови на нашата компанија и неразделен дел од нашиот национален енергетски систем. Тоа што го правите е херојска работа која заслужува неизмерна почит и највисока пофалба. Затоа во мое име и во името на сите вработени во АД ЕСМ, ви благодарам од срце за вашата работа и посветеност”, порача Стефанов на денешното одбележување на Денот на рударите во РЕК Битола.

Секој што знае што значи еден ден работа во рударско – енергетски комбинат, мора да признае дека вработените се вистински херои. Рударите влегуваат на работа и не знаат дали ќе излезат. Не по своја вина, туку заради хировите на природата кои се особено изразени во рудниците, рече директорот на РЕК Битола, Пеце Матевски на прославата.

„Од 1 јануари до 31 јули, РЕК Битола произведе 1.436.553 MWh електрична енергија. Тоа е за 3,16% повеќе од произведеното во истиот период лани, а за дури 41,28% повеќе од производството во 2021 година. Во рудниците на РЕК Битола заклучно со средината на август ископани се 2.262.600 тони јаглен. Во моментов, на депонијата за јаглен има 200.000 тони јаглен. Овие количини на јаглен на залиха во РЕК Битола се уште повеќе за респект ако се има предвид дека во рудници се извршуваа операции кои го запреа ископот. Затоа, вработените во РЕК Битола треба да бидат горди на резултатите од работењето на комбинатот годинава”, рече Стефанов.