Во Ријад „вџашени“ од обвинувањата за поддршка на Русија и одлуката на OPEC+

Саудискиот министер за одбрана, принцот Калед бин Салман Ал Сауд објави во неделата дека во Ријад се силно изненадени од обвинувањата дека кралството наводно ја зазема страната на Русија во војната во Украина, и порача дека одлуката на организацијата на земјите извознички на нафта и нивните сојузници за намалување на производството е донесена едногласно и само од економски причини, што го потврдија и генералниот секретар на картелот и поедини земји членки.

Принцот Калид бин Салман порача дека е „вџашен“ од обвинувањата дека саудиската монархија ја донела таквата одлука затоа што „ја поддржува Русија во војната со Украина“. „Ваквите лажни обвинувања не доаѓаат од украинската влада“, објави на Twitter помладиот син на саудискиот крал.

Главниот секретар на Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC), Хаитам ал-Гаис изјави претходно во неделата на прес-конференција во Алжир дека одлуките на картелот и неговите сојузници земји големи независно произведувачи предводени од Русија (OPEC+) се исклучително од „технички“ карактер.

„Низата изјави на земјите извознички покажуваат дека ја поддржуваат одлуката од 5-ти октомври за намалување на производството за два милиона барели дневно. Ги поздравуваме тие изјави и тие докажуваат дека одлуката е исправна“, рече ал-Гаис за новинарите.

На прашањето дали одлуката може да биде изменета, одговори дека „Одлуките на OPEC+ секогаш оставаат простор за флексибилност… министрите се подготвени да седнат во авион и да дојдат во Виена“.

Челникот на компанијата „Kuwait Petroleum Corporation“, шеикот Наваф ал-Сабах изјави дека Кувајт сака да одржи рамнотежа на пазарот на нафта во полза на потрошувачите и произведувачите.

„Загриженоста поради економските тешкотии и очекуваниот побавен глобален економски раст предизвикуваа повеќе нарушувања во рамнотежата меѓу снабдувањето и побарувачката“, рече ал-Сабах.

Од OPEC во средата ги намалија прогнозите за светската побарувачка на нафтата во оваа и во следната година, поради забавувањето на економиите, високите инфлации и построгите мерки за сузбивање на Covid-19 во Кина која е најголем светски потрошувач на енергенсот.

Американскиот претседател Џо Бајден, кој вршеше притисок особено врз Ријад да нема кастрење на производството во услови кога САД и западните сојузници се обидуваат преку лимитирање на цените на руската нафта и други санкции да ги скратат приходите на Москва, на почетокот од октомври изрази разочарување поради намаленото производство и се закани дека ќе „има последици“ за Саудиска Арабија.

Намалувањето на производството ја намалува и понудата на пазарот и ја зголемува можноста од раст на цените на горивата во САД, во пресрет на општите американски избори во ноември, на кои според анкетите Демократската партија на Бајден лесно може да ја загуби контролата и во двата дома на Конгресот.