![m44_closeup](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2019/08/m44_closeup.jpg?resize=539%2C402&ssl=1)
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп повторно го одобри користењето на контроверзните стапици со отров, познати како „цијанидни бомби“ за усмртување на дивите лисици, дивите кучиња и којотите, и покрај големото противење на групите за заштита на животните и природата.
Овие уреди кои официјално се нарекуваат „М-44“ се закопуваат во почвата и личат на прскалки за тревниците. Кога животното ќе стапне на нејзината капсула, „прскалката“ исфрла натриумов цијанид и ја убива.
Американската влада го суспендираше користењето на овие стапици минатата 2018 година, бидејќи на неа стапнало момченце со своето куче во државта Ајдахо. Песот потоа угинал, а момченцето било повредено. Неговото семејство ја тужи сојузната влада. Користењето сега повторно е одобрено, што со грозење го примија еколошките активисти кои испратиле 20.000 протесни писма до федералната Агенција за заштоте на природата.
„Тие се неверојатно опасни за луѓето, нивните миленици и за загрозените животни“, вели Колет Едкинс, шефица на центарот за биоразноликост.
Според податоците на владата, направите „М-44“ убиле 6.579 животни минатата 2018 година, а меѓу нив повеќе од 200 не биле цели, како што се ракуни, опосуми, творови и една мечка. Но Едкинс одговара дека станува збор за „големо потценување“ на бројот на усмртените животни.
Стапиците според новите прописи не смеат да се поставуваат 30 метри од пат и мора да бидат јасно означени со предупредувања оддачелени најмалку пет метри од стапицата.