Американските власти работат на определување на нормативите за полициската примена на сила, соопшти министерот за правда и државен обвинител Вилијам Бар, по состанокот во Белата куќа на кој освен челниците на правосудните агенции учествуваше и претседателот Доналд Трамп кој ги отфрли повиците за распуштење на полицијата или драстично кратење на нејзиниот буџет.
„Челниците на агенциите за спроведување на законот со коишто работиме, се заинтересирани како никој друг за реформите на криминалниот и правосудниот систем и полициската професија. Во последниот период немаше друг претседател (на САД), кој бил попосветен (на оваа тема). Нему за тоа не му беше потребна кризата којашто ја имаме денес, за да започнеме со законот ‘За првиот чекор’’ и формирање комисија којашто ги проучува самите проблеми со кои сега се соочуваме“, рече обвинителот Бар алудирајќи на претседателот Трамп.
„Знам дека постои голем интерес од страна на челниците на полицијата во однос на јасноста во упатствата (на прописите) за употреба на сила… Да се гарантира постоењето на стандардите, да се осигури дека тие (полицајците) се обучени и ќе се придржуваат до нив. Со нетрпение очекуваме да работиме со вас, за да го сториме ова. Времето на чекање заврши. Сега нашата одговорност е да го извлечеме доброто од лошото“, што се случи, додаде Бар обраќајќи се до другите учесници на состанокот во Белата куќа.
Изјавата на државниот обвинител на САД доаѓа во време кога масовните протести и безредија ширум земјата влегуваат во втората седмица, откако на 25-ти мај во Минеаполис поради полициска бруталност животот го загуби 46-годишниот афроамериканец Џорџ Флојд.
Полицијата во САД во голема мерка е потчинета на властите на сојузните држави и локалните власти., а не на федералната влада, којашто сепак има свои единци на сојузната полциија, кои се подредени на разни агенции и служби.
Во атмосферата на масовните протести беа истакнати мислењата за реформи на полицијата, а некои локални власти, како на пример во Минеаполис, ја расформираа и ги пренаменуваат буџетите наменети за полицијата.
На таквите потези по споменатиот состанок во Белата куќа, претседателот Доналд Трамп порача дека администрацијата нема да ја распушта полицијата или да го крати нејзиното финансирање.
„Имаме одлични службеници за спроведување на законот, јас сум многу горд на нив. Нема да има лишување од финансирањето (на полицијата), нема да има никакво распуштање на нашата полиција. Нашата полиција ни овозможува да живееме во мир, сакаме да бидеме уверени дека во нивните редови нема лоши ликови, понекогаш забележувате ужасни работи, како што видовме неодамна, но 99 отсто од нив се одлични луѓе“, рече Трамп.
Повиците за намалување на финансирањето на полицијата зачестено се слушаат за време на последните протести против бруталноста и расизмот во редовите на американската полиција.
Демократите во Конгресот во понеделникот поднесоа предлог-закон за спроведување обемна реформа на полицијата како одговор на масовните протести во земјата. Со предлогот, посебно, им се забранува на силите за одржување на редот и законот да применуваат зафати за онеспособување, се предлага да се создаде национална база на подотоци за следење на незаконските дејствија од страна на полицијата, како и забрана за издавање налог кој во некои случаи на полицајците им овозможува да влезат во дом без предупредување. Во рамките на предложената реформа се зголемува одговорнсота на полициските службеници, вклучително и за акти на насилство и произволно однесување кон осомничени лица.