Во САД температурите ќе одат и до минус 45 и до плус 32 степени

Поради зимската бура којашто зафати поедини области на САД, во некои делови од земјата би можеле да паднат и до минус 45 Целзиусови степени, пренесуваат медиумите.

Како последици од снежните виулици во средата затворени беа бројни компании и училишта во сојузните држави Дакота, Минесота и Висконсин, а откажани се речиси 5.000 летови.

Се предвидува дека налетите на ветрот би можеле да достигнат брзина од 80 километри на час, а во некои делови од САД под влијание на екстремно студениот фронт, температурите би можело да паднат и до минус 45 Целзиусови степени.

Гувернерот на Минесота, Тим Волц, изјави дека Националната гарда ќе биде на располагање за помош на возачите кои ќе заглават во снежната бура, бидејќи синоптичарите најавуваат до половина метар снег за некои области во северните држави, а што би биче најголемите снежни наноси во последните 30 години.

Наспроти тоа, истовремено некои области од истокот на САД ќе забележат исклучително високи температура за овој период од годината, па температурите во Орландо на Флорида би можеле да достигнат и до 32 Целзиусови степени, а во Луизијана во Њу Орлеанс до 29 степени.