По седумте седмици работа во Њу Џерси заврши снимањето на долгометражниот играниот филм „Нешто посилно од мене – приказната за Дражен Петровиќ“ во режија на Данило Шербеџија.
Снимана во Шибеник, Загреб, Џерси и Њујорк, приказната ги тематизира важните фази од животот на кошаркарот Дражен Петровиќ, од неговото детство и растењето во Шибеник до неговата трагична смрт во сообраќајна несреќа во 1993 година во Германија.
„Дојдовме до крајот на една фаза од нашето патување, полна со предизвици и сакаме да им се заблагодариме на сите државни и градски институции кои не поддржаа за време на снимањето на филмот во Хрватска и САД“, велат од Хрватскиот аудиовизуелен центар.
Тие им се заблагодарија и на жителите на Шибеник, Загреб и Џерси, како и на локалните заедници кои срдечно ги пречекале, како и на членовите на хрватската и американската екипа кои придонесоа за создавањето на филмот.
Сега следи постпродукциската фаза, а филмот се планира да биде готов до есента 2024 година.
Главните улоги во филмот ги толкуваат Домагој Нижиќ и Ромина Тонковиќ, а глумат уште и Зринка Цвитешиќ, Тонко Стошиќ, Ловре Танфара, Драган Миќановиќ, Викторија Хауер, Павле Матушко, Филип Мајер, Вини Јуричиќ, Миле Кекин, Валентина Перковиќ и други.
Филмот е во продукција на Загребската кинотека (Хрватска), во копродукција со „December“ (Словенија), „Living Pictures“ (Србија) и „ RTG Pictures“ (САД).
Автори на проектот и продуценти на филмот се Љубо Зџеларевиќ и Ивор Шибер, сценарист е Иван Турковиќ Крњак, директор на фотографија Анте Цвитановиќ, сценограф Иво Кнезовиќ, костимографи Жељка Франуловиќ, Анавиќ и Анавиќ. а мајстор за маска е Бјанка Прскало.
Филмот е направен со поддршка, меѓу другото, на Хрватскиот аудиовизуелен центар, Словенечкиот филмски центар, Филмскиот центар на Србија, Хрватската радио и телевизија, градот Шибеник, градот Загреб, ТЗ на градот Загреб и други, со покровителство на Хрватскиот олимписки комитет.