Во СДСМ отфрлија една кандидатура, остануваат тројца кандидати за партиски лидер

Партиските органи на СДСМ прифатија три од поднесените четири кандидатури за претседател на партијата.

„Рокот за поднесување на кандидатури за претседател истече вчера, поднесени се четири кандидатури. Денеска согласно правилата заседаваше Централната изборна комисија и одлучија дека три кандидатури се целосни со сите потребни документи и услови согласно правилата и условите кои беа распишани, а една кандидатура не е и таа е отфрлена со одлука на Централната изборна комисија и кандидатот кој ја поднесе е известен за тоа“, рече во саботата пратеничката на СДСМ, Славјанка Петровска одговарајќи на новинарско прашање.

До партијата доставени беа четири кандидатури од Димитар Ковачевски, актуелен заменик-министер за финансии, Фросина Ременски, поранешна пратеничка и потпретседателка на СДСМ, Властимир Алексовски, член и активист на СДСМ од општинската организација на партијата од Куманово и од Јован Деспотовски, директор на Дирекцијата на технолошко индустриски развојни зони.

Со Одлуката на Извршниот одбор од 26-ти ноември 2021 година вонредните избори ќе се одржат на 12-ти декември 2021 година. Постапката за кандидирање започна на 27 ноември, а заврши вчера. Право на кандидатура имаа сите членови на СДСМ кои ги исполнуваа критериумите согласно Статутот на СДСМ. За претседател на СДСМ можеше да се кандидира лице кое има најмалку пет години членство во партијата и кое најмалку еднаш бил избран од Конгресот за член на некој од партиските органи. Изборите на локално ниво ќе ги спроведат 80 општински изборни комисии и одбори на избирачки места.