Во Шведска исчезнува плаќањето во готово

Монетите и банкнотите веќе долго време не се омилено платежно средство во Шведска, а кризата со вирусот корона само го засили трендот кон безготовинско плаќање, поради што Националната банка на земјата ги предупредува граѓаните, плашејќи се дека готовината физички може да исчезне целосно.

Родителите во Шведска не им плаќаат ниту на децата во готово, пишува германскиот неделник „Фокус“.

Весникот наведува дека само 16 проценти од децата добиле џепарлак во готово, додека 84 проценти имаат дигитални штедни книшки.

Истражувањето покажа дека во Шведска, генерацијата помеѓу 18 и 34 години во 75 проценти од случаите не плаќа во готово.

Сите монети и банкноти што се во оптек во Шведска сочинуваат само еден процент од БДП, а за споредба, во САД, каде што исто така плаќате многу со картички, тоа е осум проценти, а во еврозоната десет проценти.

Коронската криза ја зголеми аверзијата на Швеѓаните кон готовина и интересно е што повеќето плаќања се вршат без контакт, преку NFC чип на картичката или преку мобилен телефон.

Развојот е сличен на другите земји, но на пониско ниво.
Во Германија, безготовинските плаќања пораснаа од под 40 на 44 проценти, а во Шведска тој удел веќе достигна 85 проценти.

Иако безготовинските плаќања се добри за забрзување на плаќањата, спречување на перење пари, затајување данок, Националната банка на Шведска (Риксбанк) предупредува на опасностите.

Гувернерот Штефан Ингвес верува дека младите, бидејќи повеќе не користат готовина, нема да знаат ништо за изгледот на банкнотите.

Исто така, постојат и други ризици, бидејќи сајбер нападите можат да оневозможат безготовинско плаќање и на тој начин да предизвикаат проблеми во општеството.

„Откако светлото ќе се изгасне, ќе треба да имаме доволно готовина во земјата и на сите места“, рече Ингвес.

Тој побара од владата да донесе закон што ќе ги обврзува банките во земјата секогаш да имаат одредени количини на готовина во своите трезори.

Патем, Ингвес не е единствениот кој предупредува на опасностите, туку и многу скептици на општеството без готовина, кои посочуваат дека земјата е ранлива доколку се потпира само на дигиталниот систем на плаќање.