Војската на Мјанмар погубила четворица активисти

Војската на Мјанмар егзекутирала четворица продемократски активисти и тоа, како што се верува, е првото извршување на смртна казна во ова земја по повеќе децении, пренесува во понеделникот BBC.

Меѓу четворицата погубени се активистот Ко Џими и пратеникот во парламентот Фио Зајар Тав, а сите се осудени на смртна казна поради „терористички дела“. Судењето било одржано зад затворени врати, што здруженијата за човекови права го оценија како неправда.

Членовите на семејствата се собрале пред затворот Инсеин, очајнички обидувајќи се да дојдат до информации за своите блиски. Мајката на Зајар Тав изјавила дека не ѝ било кажано кога точно нејзиниот син ќе биде погубен, како и дека не можела да организира традиционален погреб. Семејствата официјално побарале информација за извршување на смртната казна.

Според државниот медиуми The Global News Light of Myanmar, четворицата мажи се погубени бидејќи „давале упатства и организирале и направиле заговор со цел извршување сирови и нечовечни терористички дела“. Осудени се според законот за борба со тероризмот, но не е наведено кога и на кој начин се егзекутирани.

Според Обединетите нации, ова се првите извршувања на смртни казни во Мјанмар од 1988 година. Претходно смртните казни се извршувале со бесење.

Војската ја презема власта во Мјанмар во февруари 2021 година во домашен притвор ја стави соборената од власт долгогодишната опозициска активистка Аунг Су Чи, предизвикувајќи жесток отпор на населението и големи протести. Воените власти одговорија со судски прогони на демонстрантите, активистите и новинарите.

Седумдесет ипетгодишната добитничка на Нобеловата награда за мир е обвинета за десетина различни кривични дела, од злоупотреба на положбата и корупција до изборни манипулации. Аналитичарите веруваат дека воениот врв на Мјанмар сака долгорочно да ја замолчи Аунг Су Чи, бидејќи според обвинувањата ѝ се заканува долга затворска казна. Обвинета е, меѓу другото, и за кршење на наворешнотрговските прописи и прописите воведени поради коронавирусот, како и за поттикнување.