Во скопските клиники сместени 249 пациенти со ковид-19

Вкупно 249 пациенти со ковид-19 се лекуваат на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, во модуларната болница, во ковид центрите на интерните клиники и на Институтот за белодробни заболувања и ТБЦ.

Од нив, како што информираа за МИА од Министерството за здравство, 100 пациенти се хоспитализирани и се лекуваат од ковид-19 на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, а 66 се хоспитализирани во модуларната болница.

Во ковид центрите на интерните клиники во изминативе 24 часа се примени 17 пациенти на Клиниката за неврологија и 12 во центарот на Клиниката за кожни и венерични болести. На Институтот за белодробни заболувања и ТБЦ се хоспитализирани вкупно 54 пациенти, посочија од Министерството за здравство и додаваат дека болнички капацитети има доволно и ниту еден пациент кој има потреба од хоспитализација не е вратен, ниту ќе биде вратен од било која болница во земјава.