Предлог-измените на Изборниот и на Кривичниот законик, за кои завчера постигнаа договор Владата и политичките партии, денеска се дел од дополнетиот дневен ред на седниците на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците и на Законодавно-правната комисија.
Измените на Изборниот и на Кривичниот законик се дел и од дневниот ред на 82 седница на Собранието, по скратена постапка.
Според постигнатиот договор, во предизборниот период предвидено е одделување на државата од партијата, забрането е отпочнување со градби, ставање камен-темелници, пуштање во употреба на објекти изградени со буџетски средства. За непочитување на оваа одлука предвидена е затворска казна од шест месеци до една година.
Забрането е да се врши исплаќање субвенции, плати, пензии, социјални помошти и други материјални надоместоци од буџетски средства кои не се редовни месечни примања, како и исплаќање на годишни трансфери од Буџетот. За секој носител на јавна функција којшто ќе исплати субвенции, плати, пензии, социјална помош и други материјални надоместоци од буџетски средства ќе се соочи со казна затвор од три до пет години.
Обврска на министерот за финансии е да ги објавува сите финансиски исплати во изборен период и обврска да достави изборен финансиски извештај во преглед на сите планирани и реализирани приходи и расходи во Буџетот. За непочитување на оваа одлука, според договореното, е предвидена казна затвор од шест месеци до една година.
Исто така, договорено е МВР да врши ажурирање на избирачките списоци четири пати во годината и да се направи посебен извод на лица кои на денот на изборите се во странство, како и тоа партиите да можат да бараат корекција на избирачкиот список.
Донациите се ограничени на 50.000 евра, вклучително и за медиумите, радиодифузерите да обезбедат избалансирано медиумско претставување, а известувањето за редовните активности на државните органи или општините во изборниот процес не смее да биде во корист на ниту еден политички субјект.
Измените и дополнувањата на Изборниот законик предвидуваат новинари, уредници, презентери да не смеат да учествуваат во предизборните активности на политичките партии.
Исто така предвидена е забрана за платено политичко рекламирање од денот на распишување на изборите до почеток на изборната кампања. Исто така, од тој датум ќе има забрана за објавување на реклами финансирани од Буџетот. Рекламирањето ќе биде ограничено на 12 минути во текот на изборната кампања и јавно ќе биде утврден ценовникот.
МРТ за време на изборната кампања треба да обезбеди рамноправен пристап во информативната програма, што значи една третина за настани од земјата, една третина за настани од владата и една третина за настани на опозицијата. За непочитување на оваа законска одредба следува разрешување на директорот.
Дополнително Собранискиот канал ќе обезбеди бесплатно рекламирање по три часа и за опозицијата и за владејачките партии.
Во разговорите за измените и дополнувањата на Изборниот законик не учествуваа претставници на ДПА и, според најавите, се очекува тие да не гласаат за овие измени.
Членовите на Законодавно-правната комисија и на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците на денешните седници треба да расправаат и за предлог-законите за изменување и дополнување на законите за управни спорови и за бесплатна правна помош, и предлог-законите за административни службеници и за вработените во јавниот сектор, сите во второ читање.