Во последните 24 часа во Србија се тестирани 15.061 лице на ковид-19 од кои 5.067 добиле позитивни резултати додека починаа 38 пациенти, покажуваат последните податоци на Министерството за здравство и на Институтот „Батут“. Според истите извори, моментно во земјата има 216 лица кои се приклучени на респиратор.
Србија на 22 ноември забележа рекорден број на инфекции досега (6.254) на дневно ниво, но затоа тамошните власти вчера пријавија три национални рекорди по категории – бројот на починати во еден ден (31), моментниот број на пациенти на респиратор (212) и вкупниот број на хоспитализирани (6.214).
– Ситуацијата во последните недели константно се влошува и ако продолжи вака, стравувам дека ќе дојдеме до моментот да запре животот во Србија. Затворањето би имало тешки економски последици, а знаеме дека тие влијаат на здравите луѓе. Затоа СЗО смета дека тоа треба да биде крајна мерка, предупреди Маријан Ивануша, шеф на СЗО во Србија.
Денеска заседаваше и Кризниот штаб за вонредни ситуации на Град Белград и донесе неколку одлуки кои се однесуваат на јавниот превоз. Па така, решено е во сообраќај да се пуштат повеќе автобуси со цел да се намалат турканиците.