Во Србија се сместени над 5.500 бегалци од Украина

Во Србија во моментов има 5.698 бегалци од Украина кои го пријавиле својот престој, соопшти Комесаријатот за бегалци и миграција. Како што пишува Б92.нет, мал број од нив се во центрите за азиланти, а повеќето се сместени кај роднини, пријатели и познаници.
Имено, 41 лице има во Врање, а девет лица во Обреновац во сместувалиштето на Комесаријатот за бегалци и миграции.
Украинците главно транзитираат низ Србија – не остануваат во земјата затоа што Србија им е попатна станица. Бидејќи конфликтот во Украина се уште трае, не може со сигурност да се каже дали во иднина ќе има зголемен прилив на бегалци.

„Србија е подготвена да прими уште многу бегалци, доколку побараат, и тоа ќе го направиме, како и досега, во соработка со Европската Унија“, велат од Комесаријатот.
На почетокот на конфликтот во Украина, Комесаријатот отвори телефонски број и електронска пошта на кои можат да контактираат украинските граѓани и нивните домаќини во Србија, доколку им треба помош.
Приливот на бегалци од Украина започна на крајот на февруари, а претседателот Вучиќ потврди дека Србија е подготвена да обезбеди секаков вид хуманитарна помош за загрозеното население на Украина.