Во среда почнува процесот на имунизација, во април се очекуваат повеќе вакцини

Вакцинацијата со 20-те илјади дози од „АстраЗенека“ кои вчера пристигнаа од КОВАКС механизмот почнува в среда. Први кои ќе бидат имунизирани со оваа пратка вакцини се  граѓани над 75 години, кои се веќе пријавени за вакцинација.

Во текот на денешниот и утрешниот ден преку матичните лекари ќе добијат термини согласно местото на живеење во кој пункт и во кое точно време од среда натаму да се јават на вакцинација.

Ревакцинацијата со вакцината Астра Зенека ќе биде за три месеци. Граѓаните пак кои ја примија првата доза од вакцината во Србија, Филипче вели дека ќе се  ревакцинираат во Македонија за што министерот веќе стапил во контакт со неговиот српски колега од кого побарал да му ги даде податоците за Македонците кои примиле вакцина таму.

Од утре ќе почне да се подготвува Арената „Борис Трајковски“ во Скопје, каде ќе има 30 позиции за вакцинирање и каде практично ќе се врши масовната имунизација.

Министерот очекува поголеми количини на вакцини да пристигнат во април. Тогаш се очекува да пристигнат кинеските вакцини. Во однос на вакцините од „Фајзер“ кои се нарачани со директни преговори, Филипче рече дека конечно оваа недела треба целосно да се потпише договорот, но не се знае кога ќе пристигнат овие вакцини.

Во меѓувреме расте бројот на пациенти на кои им е потребно болничко лекување. Обезбедни се плус 100 кревети на Клиниката за урологија и два спрата од Педијатрија. Од утре за Ковид-центар ќе се обезбедува Заводот за рехабилитација во Козле, прво 40 кревети, а откако ќе се намести централниот довод на кислород, ќе има капацитет од 180 кревети. Др Докиќ вели дека заради мутациите полесно заболуваат поради што граѓаните треба да бидат многу попретпазливи.

Според последните податоци на здравствените власти, во изминатите 24 часа во Ковид-центрите во Скопје се хоспитализирани 48 нови пациенти поради компликации од коронавирусот. Во Скопје лежат 668 лица,

Вкупно низ земјава се лекуваат 1.537 пациенти и има околу 300 празни болнички кревети, а околу 19 илјади се активни случаи на ковид-19.