Локалната агенција за развој (ЛАР), Струга преку ИПА проектот „Сино и Зелено наспроти црно и сиво” во рамките на прекуграничната програма Македонија-Албанија го одбележува 22 мај – Светски ден на заштита на биодиверзитетот. Целта на проектот е јакнење на јавната свест за одржливо искористување на природните ресурси во сливното подрачје на Охридското Езеро во областите шуми, води и земјоделие.
Денешниот ден се прослави со студиско патување за 40 ученици и професори од ООУ „Св.Климент Охридски“ од с.Драслајца, с.Мороишта, с.Биџево, с.Ложани од општина Струга. Посетата вклучи предавање во центарот за посетители во Националниот парк Галичица и посета на Хидробиолошкиот Институт во Охрид, како и посета на жешките еколошки точки околу Охридското езеро (река Сатеска, пумпна станица Подмоље, диви депонии).
Целта на посетите е учениците да се запознаат поблиску со разновидниот жив свет кој живее во регионот и јакнење на нивната свест за поголемо ценење и разбирање на природните вредности на прекуграничниот регион.
Во рамките на проектот функционира едукативна училница – Еко-инкубатор во кој се организираат предавања за ученици, јавни дебати, работилници и слични настани на еколошки теми. Еко-инкубаторот е отворен за сите граѓани и здруженија кои ќе пројават интерес за простор за одржување настани за еколошки, но и други теми. Досега во Еко-инкубаторот се имаат едуцирано над 300 ученици од Македонија и Албанија на теми од областа на екологијата.