Во центарот на Белград во петокот започна 24-часовна блокада на една од централните сообраќајници во српската престолнина во серијата постизборни протести, на кои дел од опозицијата и студентските активисти бараат повторување на парламенатарните и белградските избори одржани 17-ти декември.
Група студенти во Белград од неформалната група „Борба“, во петокот поставија шатори и околу пладнетп блокираа дел од централната градска сообраќајница, барајќи Министерството за државна управа и локална самоуправа да го отвори избирачкиот список во знак на поддршка на опозициската коалиција којашто ја обвинува власта за наводно украдени гласови.
Српската напредна партија (СНС) на претседателот Александар Вучиќ на предвремените парламентарни избори на 17-ти декември освоила 46,72 отсто од гласовите, двојно повеќе од опозицијата во коалицијата „Србија против насилството“ (СПН), но во Белгрда според податоците на Републичката изборна комисија, разликата во полза на владејачката партија е малку над три процентни поена.
Поради тоа, опозицијата смета дека имала повеќе гласови во Белград, но досега без да пружи докази тврди дека ѝ биле украдени гласови со бројни злоупотреби и изборен инженеринг, како наводна миграција на гласачите и носењето гласачи од БиХ и српските градови каде немаше локални избори.
Опозицијата ги оспори изборните резултати, а главната опозициска коалиција на левиот центар „Србија против насилството“ тврди, заедно со бројните долги поплаки, дека на граѓаните од српска националност од босанско-херцеговскиот ентитет Република Српска незаконски им било дозволено да гласаат во главниот град на Србија. На тоа владејачката партија на Вучиќ одговори дека таа можност за гласање на босанските Срби ја дала сегашната опозиција кога беше на власт, како и дека несразмерно е помал бројот на тие граѓани, кои според СНС имаат право на глас, кои гласале во Белград од бројката од 40.000 која ја објави коалицијата СПН
Студентите поставија импровизиран камп и седат на раскрсницата на две улици во близина на владините згради, блокирајќи го сообраќајот. Повикувајќи ги своите врсници и граѓани да им се придружат, студентите најавуваат дека ќе останат на улица до сабота напладне, кога имаат намера да учествуваат на големиот протест на граѓанската иницијатива на истакнати јавни личности „ПроГлас“. Засега ниедна страна не излезе со процени за бројот на демонстрантите.
Во предизборната кампања таа иницијатива повика на масовен одзив на гласачките места, со порака дека „на Србија не ѝ треба култ на личноста, туку слободни граѓани кои управуваат со односите во сопствената земја“.