Во тек евакуација на милиони луѓе во Пакистан

Ви јужен Пакистан во тек се евакуирањата на милиони луѓе од оддалечените села, додека регионот со страв го исчекува надоаѓањето на водите кои се спуштаат од северот на земјата, соопштија властите.

Спасувачките напори во покраината Синд, најтешко погодена во низата поплави од средината на јуни, се поддржувани од воени хеликоптери и чамци, изјавил портпаролот на покраинската влада Муртеза Вахаб.

„Ова е трка со времето“, рекол Вахаб кој ја надгледува евакуацијата.

Пакистанската река Инд, која тече од Хималаи до Арапското Море на југот, повторно се излеала од коритото по продолжените врнежи во планината минатата седмица. Речиси 20.000 кубни метри вода во секунда течат низводно и наскоро ќе дојде до поголемите градови во Синд, предупреди агенцијата за управување со катастрофи.

Во поплавите во Пакистан досега загинале 1.208 луѓе, а се очекува дека оваа бројка ќе расте, објави во четвртокот власт.

„Се обидуваме да дојдеме до луѓето кои сѐ уште се среде поплавите, без храна и засолниште“, изјавил Рустам Џамали, спасувач од градот Дад во покраината Синд.

Агенциите на Обединетите нации во четвртокот предупредија дека милиони деца и бремени жени се во опасност и дека им е неопходна итна хуманитарна помош. На северот од земјата неколку градови сѐ уште се поплавени иако дождот престанал да врне пред една седмица, а илјадници се без храна и засолниште.

„Чувството е како да сме бегалци во сопствените села. Не можеме да се вратиме во куќата оддалечена само неколку стотини метри“, изјавил Удин Лан од долината Сват.