Пред одржувањето на телевизиското соочување подоцна во понеделникот, кандидатот за наследник на британскиот премиер Риши Сунак изнесе обвинувања против Кина, која ја опишува како најголема долгорочна закана за Велика Британија, додека неговата противкандадатка Лиз Трас најавува дека нејзиниот главен фокус ќе биде поттикнување на економскиот раст.
Поранешниот британски министер за финансии Риши Сунак ја обвини Кина дека ја „краде нашата технологија и се инфилтрира на универзитетите“, додека самиот тој се обидува да се позиционира наспроти ривалката Лиз Траск која како министерка за надворешни работи веќе имаше многу можности да ја заостри реториката кон Кина, а особени кон Русија.
Кампањите на двајцата финалисти кои треба да го заменат на челото на владејачката Конзервативна партија следствено и на премиерската позиција Борис Џонсон, кој беше присилен да отстапи поради низата афери и скандали, се сврте и кон темите блиски на десничарите, како што се имиграциите.
Сунак ветува дека, доколку биде избран, ќе го затвори 30-те Конфучиски институти во Велика Британија коишто ги финансира кинеската влада. Нивната примарна цел е да се промовираат кинескиот јазик и културата, но некои конзервативни пратеници ги обвинуваат дека наводно служат за пропагандни цели и дека се занимаваат со шпионажа.
Риши Сунак во објава за јавноста оценува дека Кинезите ја поддржуваат „фашистичката инвазија врз Украина на (рускиот претседател Владимир) Путин, купувајќи ја неговата нафта и обидувајќи се да ги заплашат соседите, како што е Тајван“.
Вели уште дека Кина се обидува да им наметне на земјите во развој „непремостлив долг, а својот сопствен народ во Ксинџијан (мисли на муслиманското малцинство Ујгури – з.р.) и во Хонгконг (британска колонија од 1842 година вратен на матицата Кина во 1997 година – з.р.) го мачи, затвора и индоктринира“.
„Ќе ја спречам Кина да ја преземе контролата над нашите универзитети и ќе им овозможам на британските јавни компании и институции кибернетичка безбедност којашто им е неопходна“, додаде Сунак.
Меѓу неговите ветувања на Сунак е создавање меѓународна коалиција, според примерот на НАТО, за одбрана од технолошки напади од Кина, развој и поддршка на британското внатрешно разузнавање MI5, на компаниите и универзитетите за „спротиставување на кинеската индустриска шпионажа“ или дури спречување на кинески аквизиции во клучните сектори.
Гласањето преку пошта и електронски пат е отворено за 200.000 членови на Конзервативната партија и треба да започне на 5-ти август и ќе заврши на 2-ри септември, пред објавувањето на резултатите на 5-ти септември.
Анкетите меѓу британските конзервативци кои ќе го избираат новиот партиски челник кој потоа ќе стане и премиер, ѝ даваат поголема предност на Лиз Трас. Таа во понеделникот ќе ги престави своите планови чиј главен фокус ќе биде поттикнување на растот, во време на растечка инфлација и можна рецесија.
Трас во изјавата пред соочувањето рече дека ќе ги изнесе своите планови коишто вклучуваат, доколку биде избрана за премиерка, работа со локалните заедници на идентификување на местата за повторен развој во инвестициските зони. Таквите зони би имале ниско даночно оптоварување за поттикнување вложување и градење, намалени ограничувања на планирање и прилагодени прописи за поттикнување „индустрија со висока вредност“, на пример вештачката интелигенција.
„Со создавањето на тие нови инвестициски зони конечно ќе им докажеме на компаниите дека сме свртени кон нивната иднина и ќе ги мотивираме да ги поттикнат вложувањето којашто ќе им помогне на вредните луѓе“, истакна Трус.