Во Љубљана протест против владата на Јанша

Стотина граѓани денес протестираа во главниот град на Словенија против Владата на премиерот Јанез Јанша, јави дописникот на МИА од Љубљана.

Повод за собирот беше објавувањето на аферата со набавката на медицинска и заштитина опрема за потребите на словенечките лекари кои се борат со епидемијата на коронавирусот. Со транспаренти на кој пишуваше „Доста е од пропаганда на омразата” тие побараа оставка од Владата.

Граѓаните се собраат пред плоштадот Република, но таму беа пречекани од полициски сили кои поставија и заштитни ленти со цел да се спречи собирањето на самиот плоштад. И покрај ваквите барикади граѓаните сепак успеаа да стигнат до плоштадот и да го искажат своето незадоволство од Владата.

Полицијата неколку пати со мегафони ги потсетуваше собраните луѓе дека мораат да бидат меѓусебно оддалечени два метри, што е обврска поради борбата со коронавирусот.

Протестот кој беше организиран преку социјалните мрежи помина мирно и без инциденти.

Инаку, уште во петокот Националното биро за истраги на Словенија официјално отвори истрага по објавените снимени разговори и документи, со кои според дел од медиумите се фрла голем сомнеж за неправилности и при набавката за медицинска опрема за потребите на државата.

Полицијата интензивно работи на прибирање докази за скандалот, а во тоа соработува и со другите безбедносни служби, со цел да се расчистат сомнежите за можна злоупотреба при набавката на опрема.