Во време на економска и здравствена криза, владата на Зоран Заев овозможува поголем приход за приватни компании на грбот на граѓаните, велат во своето соопштение од понеелникот од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
„Зоран Заев и СДСМ единствено се грижат за своите бизниси. Доказ затоа е континуираната троцифрена бројка на новозаразени од коронавирусот. Република Македонија поради негрижата на Владата на СДСМ е рекордер во новозаболени и смртни случаи од корона вирусот“, се наведува во соопштението.
Од ВМРО-ДПМНЕ потсетуваат дека веднаш по изборите граѓаните ги очекуваше уште еден шок со зголемување на цената на електричната енергија за 7,4 отсто.
„Цената на електричната енергија ако останеше иста, енергетските компании во 2020 година ќе оствареа приход од: 16.106.756.099 денари. Со зголемувањето од 7,4% овој приход за истата енергија ќе биде 17.303.879.863 денари“, потенцира опозициската партија.
Според пресметките направени во ВМРО-ДПМНЕ, разликата поради зголемување на цената изнесува 1.197.123.764 денари што претставува речиси 20 милиони евра.
Според нив неспособноста на актуелната власта се гледа и од пропаѓањето на „Еуростандард Банка“.
„Според извештаите по пропаѓањето на оваа банка само околу 10 проценти од лицата успеале да отворат сметки во други банки, што значи дека околу 90.000 граѓани ќе останат без своите пари наредниот месец“, се додава во соопштението.
Во ВМРО-ДПМНЕ констатираат дека штотуку најавениот состав на новата влада, кој трба да биде изгласан во парламентот на почетокот од септември е со „краток рок на траење“ и од неа може да се очекуваат само „неуспеси и разочарувања“..