Во вчерашните судири во Атина 52 приведени и тројца повредени, студентските протести продолжуваат и денеска

Педесет и две лица се приведени, тројца полицајци се повредени, а нападнат е и еден фоторепортер од полициските сили, е билансот од вчерашните судири меѓу полицијата и студентите на протестот против најавените реформи во образованието.

За попладнево повторно се најавени демонстрации во пресрет на гласањето на новиот закон за високо образование, иако од денеска во Атина и поширокиот регион на Атика стапуваат во сила построги мерки поради ширењето на ковид-19.

Според грчката полиција, на протестот присуствувале околу 5 000 лица.

По завршувањето на протестот, дел од демонстрантите се собраа пред главниот објект на полицијата, каде што беа пренесени приведените за да им изразат поддршка и да побараат веднаш да бидат ослободени.

Од Здружението на фоторепортери на Грција соопштија дека во инцидентите што се случија пред грчкиот парламент, полицајците удриле фоторепортер кој бил член на Здружението.

Протести и инциденти вчера имаше и во Солун, каде што била уапсена 18-годишна девојка поради напад врз полицијата.

Студентите во Грција протестираат против измените во Законот за високо образование за кои веќе трет ден расправаат пратениците во парламентот.

Гласањето се очекува да биде во текот на денешниот ден, па затоа студентите за попладневните часови закажаа нови демонстрации.