Во вилата на Водно се правеле сценарија за амнестија за одредени случаи и за диригирани судски одлуки

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на митинг во скопската населба Бутел вечерва по вторпат го праша актуелниот претседател Стево Пендаровски за наводна средба во Вилата Водно со Али Ахмети и Артан Груби.

– Јавна тајна, иако за ова Стево Пендаровски нема да го слушнете да одговори на некој од митинзите, е дека пред неколку месеци се собрале во претседателската вила Стево, Артан, Ахмети, Бујар Османи и Ковачевски во присуство на некои други луѓе каде разработувале сценарио за измени на кривичниот законик и поширока амнестија за одредени случаи, како и диригирани судски одлуки преку точни нивни инсталации, само и со цел да се направи штета на ВМРО-ДПМНЕ, да се стимулираат луѓе да го критикуваат ВМРО-ДПМНЕ, неводејќи грижа дали тоа е според Уставот или не – изјави Мицкоски и додаде:

– На таа средба не биле такви легалисти, какви се прикажуваат во јавноста, туку единствено за што се грижеле да изберат начин да се направи штета на ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски објасни како, според неговите сознанија, се одвивала средбата кај Стево Пендаровски.

– Стево предничел во додворувањето на Ахмети, но и прецизно забележувал што треба да му се испорача. Случајно или не, неколку недели по ова се испорачаа измени на Кривичниот законик, но не се реализира целото сценарио составено од неколку правни преседани, единствено поради трезвеноста на ВМРО-ДПМНЕ. Расправата за тоа што било пред 10 или 15 години и за делови од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ пред толку време е расправа со духови – кажа Мицкоски.

Претходно, лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски одговори на претходните прозивки на Мицкоски за Пендаровски велејќи дека немало такви средби во вилата Водно и ги отфрли наводите како „инсинуации кои немаат допир со реалноста“.