Во војната против дрогите на Филипини во август убиени 444 лица

На Филипини минатиот месец се убиени 444 осомничени лица во рамки на акцијата на сузбивање на криумчирањето на наркотици, објавија во четвртокот филипинските власти.

Вкупната бројка убиени во војната којашто филипинскиот претседател Родриго Дутерте им ја објави на сите лица вмешани во нелегалната трговија со дроги на Филипини сега изнесува 4.854 луѓе, според последниот извештај кој го објавија владината агенција за сузбивање на дрогите PDEA, филипинската државна полиција и другите владини организации. Властите тврдат дека се убиени само лица кои давале вооружен отпор при обидите да бидат уапсени.

Бројот на уапсени поради наведените активности достигнал 155.193 лица, а властите заплениле количества дроги во вкупна вредност од 446,6 милиони американски долари.

Активистите за човекови права, пак, тврдат дека бројот на смртни случаи на цивили поврзани со споменатата војна против криумчарите надминал 12.000 луѓе, како и дека во оваа бројка се вклучени и убиства од одмазда.

ВО истражувањето на јавното мнение објавено во вторникот кое го спровела приватна компанија, 26 отсто од Филипинците не веруваат во полициските тврдења дека се убиени во војната протв дрогите возвраќале на оган, а 27 отсто ѝ веруваат на полицијата. Според истражувањето, 96 отсто од Филипинците сакаат полицијата да ги фати осомнитените живи, додека само четири проценти сметаат дека тоа не е важно.