![volstrit](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2018/09/volstrit.jpg?resize=640%2C363&ssl=1)
Берзанските индекси остро пораснаа на Волстрит во четвртокот, враќајќи голем дел од загубите од претходниот трговски ден, бидејќи економските податоци ги подгреаа надежите дека американската централна банка наскоро ќе почне да ги намалува каматните стапки.
Индексот Dow Jones зајакна 0,87 отсто, на 37.404 поени, додека S&P 500 порасна за 1,03 отсто, на 4.746 поени, а индексот Nasdaq порасна за 1,26 отсто, на 14.963 поени. Така, откако завчера забележаа најголем дневен пад од септември, вчера индексите надомесстија најголем дел од тие загуби.
Инвеститорите беа охрабрени од третата проценка на бруто домашниот производ (БДП), која покажа дека американската економија пораснала малку побавно од очекуваното во третиот квартал. Забавувањето на растот значи дека и инфлацијата би можела да ослабне, па се интензивираа шпекулациите дека централната банка Fed би можела да почне да ги намалува каматните стапки веќе во март следната година.
„Послаб економски раст од очекуваниот значи дека Fed не треба да отстапува од насоката што неодамна ја објави“, вели Питер Таз, претседател во компанијата „Chase Investment Counsel“.
Централната банка најверојатно го завршила циклусот на зголемување на каматните стапки, со оглед на тоа што инфлацијата стивнува, па идната година следуваат намалувања на каматните стапки, изјавија неодамна челниците на Fed на последната седница годинава. Благодарение на тоа, цените на акциите силно пораснаа последните седмици, па индексите се движат недалеку од највисоките нивоа во историјата.
Но, остриот пад на берзанските индекси во средата укажува на неизвесноста која пеовладува на пазарите, имајќи предвид дека растот на цените на акциите главно се заснова на шпекулациите за претстојното намалување на каматните стапки.
И додека челниците на Fed проценуваат дека следната година трипати ќе ги намалат каматните стапки, најверојатно за 0,25 процентни поени, на пазарот се шпекулира дека следната година каматните стапки може да се намалат шест пати, почнувајќи од март. Сепак, тоа се само проценки, а понатамошните реални економски показатели ќе зависат од тоа што ќе направи Fed.
Во петок ќе бидат објавени нови показатели за инфлацијата, па тоа може да влијае на насоката на Волстрит..
А на европските берзи вчера паднаа цените на акциите. Лондонскиот FTSE индекс ослабе за 0,27 отсто, на 7.694 поени, а париски CAC за 0,16 отсто, на 7.571 поен. Франкфуртскиот DAX се лизна, пак, за 0,27 отсто, на 16.687 поени.