Волстрит во состојба на готовност пред извештајот за инфлацијата

На Волстрит, индексите Dow Jones и S&P 500 во вторникот благо паднаа по вчерашните добивки, додека инвеститорите ги очекуваат новите извештаи за инфлацијата во САД, што може да влијае на очекувањата за каматните стапки.

Индексот Dow Jones загуби 0,42 отсто, на 37.525 поени, а S&P 500 загуби 0,15 отсто, на 4.756 поени. Индексот Nasdaq, пак, зајакна за 0,09 отсто, на 14.857 поени.

По силните добивки во понеделникот, Dow Jones и S&P 500 вчера благо паднаа бидејќи инвеститорите беа претпазливи пред извештајот кој ќе покаже како се одвивала американската инфлација во декември. Извештајот за потрошувачките цени ќе биде објавен во четврток, а за цените на производителите во петок.

Овие извештаи би можеле да имаат значително влијание врз очекувањата за каматните стапки од американската централна банка (Federal Reserve – Fed). До неодамна инвеститорите се надеваа на агресивно намалување на каматните стапки од страна на Fed, почнувајќи од март, но по објавувањето на записникот од минатогодишниот состанок на Fed, таквите шпекулации стивнаа.

Пазарот на пари сега проценува дека има 65 отсто шанси Fed да ги намали каматните стапки за 0,25 процентни поени во март, во споредба со речиси 80 отсто пред една седмица.

„Многу нешта на пазарите зависат од шпекулациите за тоа што ќе прави Fed во наредниот период. Пазарот скока во една или друга насока додека инвеститорите се обидуваат да погодат што ќе направи Fed“, објаснува Тим Гриски, портфолио менаџер во компанијата „Ingalls & Snyder“.

Внимателни се инвеститорите и поради фактот што на крајот од седмицата започнува сезоната за објавување на кварталните деловни резултати на компаниите, што значително ќе влијае на насоката на пазарите во наредните седмици.