Вооружени полицајци и војници упаднаа во парламентот во Ел Салвадор

Тешко вооружени полицајци и војници упаднаа во парламентот на Ел Салвадор, барајќи пратениците да одобрат заем од 109 милиони долари за подобрување на нивната опрема.

Тие се пробиле во зградата на парламентот додека претседателот Најиб Букеле, кој го предложи заемот, се подготвуваше да им се обрати на пратениците.

Претседателот претходно на пратениците им даде рок од седум дена да го подддржат неговиот план за давање заем.

Откако беше соопштено дека на седницата нема кворум, претседателот Букеле ги повика приврзаниците да се соберат пред парламентот, каде се појавија околу 50.000 провладини демонстранти, пренесе Би-Би-Си.

Опозициските пратеници упадот на вооружените полицајци и пратеници во парламентот го нарекоа „чин на застрашување без преседан“.

Би-Би-Си потсетува дека Ел Салвадор има една од најголемите стапки на убиства во светот, а дека за насилството главно се одговорни бандите кои делуваат ширум Централна Америка.

Претседателот Букеле (38) ја презеде должноста во јуни минатата година, кога вети дека ќе се спротивстави на насилството на бандите и корупцијата во оваа сиромашна земја.

Тој сака позајмицата да ја искористи за подобрување на опремата на полициските и воените сили, кои се борат против криминалот во земјата.