Најмалку 16 мигрантски работници се усмртени а уште најмалку тројца се повредени кога на нив налетал воз додека оделе кон своите села во западната крајбрежна сојузна држава Махараштра, пренесе во петокот новинската агенција ANI повикувајќи се министерството за железнички сообраќај.
Според информациите, машиновозачот на товарниот воз се обидел да ја запре композицјата кога ги видел мигрантските работници заспани на шините, но не можел да го избегне судирот. Повредените биле хоспитализирани во болница во блискиот град Аурангабад, но нема информации за нивната здравствена состојба.
Стотици илјади луѓе низ Индија се движат кон своите домови пешки од големите градови, откако ги загубија работните места поради карантинот со кој од крајот на март се прават обиди да се спречи ширењето на коронавирусот. Владата во Њу Делхи го продолжи карантинот до 17-ти мај.
Во услови на карантин, запрен е целиот јавен превоз, така што мигрантските работници кои тргнаа кон своите домови често мораат да минуваат пешки големи растојанија.