Возачот кој ја прегази Верица Белчовска доби затворска казна од 2 години и 6 месеци, откако прво беше осуден на 15 месеци

Две години и шест месеци затвор доби момчето што лани во април ја прегази 20-годишната Верица Белчовска на пешачкиот премин во центарот на Струмица.

Ваквата одлука ја донесе штипска Апелација по пет месеци од пресудата на Основниот суд во Струмица. Со новата пресуда на штипска Апелација, двојно се зголемува казната од година и три месеци, но за мајката на Верица тоа е неприфатливо ниска казна.

Адвокатката на Белчовски, Сања Мирчов, вели дека Апелациониот суд не ги известил за одржувањето на јавната седница, за да може семејството да присуствува и да ја искаже болката за загубата.

– Минимална казна му е изречена на обвинетиот за две кривични дела, судот беше должен да го цени фактот дека на пешачки премин засекогаш згасна млад живот – рече адвокатката Сања Мирчов.

Семејството на Верица по нејзината смрт одлучи да се донираат нејзините органи, бидејќи, како што истакнаа, со овој хуман чин нашле сили да продолжат напред.