Наполи и по неделата вечерта останува единствениот тим во Серија А која ги нанижа сите шест победи на почетокот од сезоната, додека во традиционалното жестоко дерби во Рим, Лацио со 3:2 ја совлада Рома.
Во шестото коло Наполи на својот стадион „Диего Армандо Марадона“ го совлада со 2:0 Калјари со што го сочива врвот на првенствената табела. Во 11 минута гостите од Сардинија ги проби Виктор Осимен, а во 57 минута надмоќта ја круниса Лоренцо Инсиње реализирајќи најстрога казна за минра рутинаска победа на Наполи. Македонскиот репрезентативец Ељиф Елмаз во 69 минута влезе на местото од Пјотр Зелински, а во 76 минута доби жолт картон.
Наполи со сите шест победи и 18 бодови го чува врвот, додека го следи миланскиот тандем Милан со 16 и Интер со 14 бодови. Калјари, пак, без ниедна победа со две ремија и два бода е претпоследен 19-ти.
На дербито „де ла капитале“ Лацио поведе во 10 минута кога убавата акција со удар со глава ја заврши Сергеј Милинковиќ-Савиќ. Радоста на навивачите на „Небесносините“ сѐ уште не стивна на трибините, а Лацио изведе нов секавичен контранапад кој во 19 минута го круниса Педро со прецизен удар од врвот на шеснаесетникот за водство од 2:0.
Но Рома не се предаваше и го претвори дуелот во беспоштедна битка на секој дел од теренот и се очекуваа уште погодоци. Така во финишот на првиот дел „Волчицата“ намали, а по корнерот во 41 минута за 1:2 прецизен беше Ибањез.
Предноста од два гола Лацио ја врати во 63 минута, кога маестралниот дриблинг по контранападот на Чиро Имобиле му овозможи лесна реализација на стрелецот Фелипе Андерсон. Но и овој погодок не ги урна амбициите на Рома која само шест минути подоцна намали на 2:3, преку пеналот кој го реализираше Жордан Верету.
Иако до крајот се нижеа шанси на двете страни мрежите повеќе не се затресоа и Лацио конечно трумфираше по четири дуели без победи. Во првенството беше поразен од Милан со 0:2 и ремизираше со Калјари со 2:2 и со Торино со 1:1 во Серија А, а во Европската лига загуби со 0:1 кај Галатасарај.
Рома со 12 бодови остана на четвртото место, додека Лацио сега со 11 бодови се искачи на шестата позиција на табелата.
Јувентус во првиот меч од неделната програма со 3:2 ја победи Сампдорија, но ги загуби двата клучни играчи Аргентинецот Паоло Дибала и Шпанецот Алваро Мората поради повреди во пресрет на дуелот во Лигата на шампионите со лондонски Челзи и градското дерби со Торино во Серија А пред репрезентативната пауза.
Водечкиот погодок го постигна токму Дибала во 10 минута, но веќе во 22 излезе од игра со солзи во очите поради болка во мускулот. Леонардо Бонучи ја удвои предноста на „Старата дама“ од пенал во 43 минута, пред Маја Јошида веќе во следниот напад да го постигне првиот гол на Сампдорија. Мануел Лукатели во второто полувреме во 57 минута ја зголеми предноста на Јуве на 3:1, а Антонио Кандрева на две минути пред крајот го ублажи поразот на Сампдорија.
За Јувентус ова е само втората победа сезонава, и тоа последователна, по двата воведни пораза и ремија, па со 8 бодови е на 9-то место. Сампдорија со пет бодови е на 15-то место.
Фудбалерите на Фиорентина ја продолжија успешната серија во воведниот дел од новата сезона, откако на гостувањето кај Удинезе славеше со 1:0. На стадионот „Фриули“ гостите од Фиренца ја впишаа четвртата победа сезонава во која немаат сѐ уште реми а е со два пореза, а за неа заслужен е српскиот фудбалер Душан Влаховиќ кој во 16 минута реализираше најстрога казна.
Со оваа победа Фиорентина со 12 бодови е на петтото место на табелата. Удинезе, пак, со 7 бодови е на 13-то место.
Жесток и тензичен беше дуелот меѓу Емполи и Болоња во кој домашните победија со 4:2 и во кој гостите примаа голови успеваа дури трипатио да ја погодат рамката од домашниот гол, и тоа еднаш од пенал при водство од 1:0 за домашните.
Емполи поведе со автоголот на Кевин Бонафаци уште во првата минута, а потоа погодија Андреа Пинамонти во 31 минута, Недим Бајрами во 54 минута од пенал и Самуел Рили во 90 минута, додека Болоња успеа да израмни во 11 минута преку Муса Баров, а Марко Арнаутивиќ по нереализираниот пенал и погодениот дирек успеа да нали во 76 минута.
За повратникот во Серија А Емполи ова беше третата победа и со 9 бодови се наоѓа во горниот дел од табелата на 8-то место, додека Болоња остана на 8 бодови на 10-та позиција.
Сасуоло со погодокот на италијанскиот репрезентативец Доменико Берарди во 54 минута на домашен терен ја совлада Салернитана. Со оваа втора победа сезонава Сасуоло е 12-ти со седум бодови, додека Салернитана со само еден бод од едно реми и пет порази е последна 20-та.
Колото во понеделник навечер го заокружува дуелот Венеција – Торино.