„Македонија вработува“ обезбеди сигурна егзистенција за над 1.000 лица постари од 50 години. Заклучно со денес преку проектот „Македонија вработува“ се вработени вкупно 4.670 лица.
Преку овој владин мега- проект илјадници граѓани беа ангажирани и добија работно место. Од овој проект голем добробит имаат и работниците, но и компаниите.
Проектот „Македонија вработува“ наиде на одличен интерес кај домашните стопанственици бидејќи им овозможува голема заштеда и голема поддршка да можат да ангажираат лица, да ги вработат а притоа да не го плаќаат придонесот за здравствено и пензиско осигурување, што претставува голема заштеда на секој од работодавачите во Македонија, истакна министерот за финансии, Зоран Ставрески.
„Македонија вработува“ обезбеди сигурна егзистенција за повеќе категории на граѓани. Вработувања има во сите категории и од сите возрасти. Вработени се над 1.000 лица постари од 50 години, а 250 од нив се над 58-годишна возраст.
Значајно е што во тој спектар на вработувања имаме од сите категории. Околу 2000 лица се млади луѓе до 35-годишна возраст, но и на другата страна на спектарот имаме лица кои се над 50-годишна возраст околу 1000 лица се вработени преку проектот „Македонија вработува“. Од нив над 250 лица се над 58-годишна возраст. Тие лица веројатни никогаш немаше да бидат ангажирани од страна на компаниите доколку не беше овој владин проект и затоа задоволство е за Владата кога одредена мерка ќе резултира на ваков начин, односно ќе овозможи вработување на луѓе и решавање на животното прашање за голем број на граѓани на Македонија, додаде Ставрески.
Спасов: Заклучно со денес „Македонија вработува“ вработи 4.670 лица
Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов одговорајќи на новинарско прашање истакна дека заклучно со денес преку проектот „Македонија вработува“ се вработени вкупно 4.670 лица. На ниво на општина Куманово проектот „Македонија вработува“ вработи вкупно 230 лица и дека се очекува и понатаму да се продолжи со зголемување на бројот на новоотворени работни места преку користење на поволностите кои што ги нуди проектот Македонија вработува, пред се за приватниот сектор.
Секоја приватна компанија која што сака да отвори ново работно место, која што сака да вработи ново лице користејќи ги овие поволности може да добие ослободување до 2.000 евра годишно за плаќање на социјални придонеси што би значело и големо ослободување од 3 до 5 години колку што и траат и поволностите од проектот „Македонија вработува“, рече Спасов.