МВР уапси криминална група чии членови биле вработени во управната служба на МВР, а кои издавале патни исправи злоупотребувајќи туѓ идентитет, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на прес-конференцијата што ја одржа вечерва, изнесувајќи детали за акцијата „Мафија“ во која се уапсени деветмина полициски службеници за фалсификување патни исправи, а по уште еден се трага.
Службеници на МВР овозможиле 215 лица, од кои 214 странски државјани и еден македонски државјанин да добијат патна исправа под туѓ идентитет.
Спасовски рече дека било утврдено дека станува збор за лица кои се од меѓународни криминални групи, нарко картели, односно лица со висок ризик и лица со потерница под туѓ идентитет.
– Кон почетокот на 2019 воспоставена е криминалистичка истрага за лица вработени во управните служби при МВР, како референти и контролори, кои издавале македонски патни исправи за лица странски државјани употребувајќи туѓ идентитет, а пред тоа лицата немале биометриски лични документи – рече Спасовски.
Тој истакна дека македонската полиција соработува со Интерпол за случајот.
Министерот рече дека во акцијата на апсење на групата вчера и денеска се соочиле со саботажа од ВМРО ДПМНЕ.
– Недозволиво е да се саботира ваков криминал. Сакам да го демантирам денешното тврдење дека акцијата со лажни пасоши започнала во времето кога министерувал Наке Чулев во техничката влада. Оваа акција во соработка со Интерол и Американската амбасада е почната на 20 фебруари 2019 година и ноторна лага е дека во времето на Чулев почнала истрагата – рече Спасовски.
Тој најави набргу уште една прес-конференција на која ќе конкретизира детали во врска со случајот.