По објавата дека градоначалникот на општина Шуто Оризари претепал граѓанин и тоа во канцеларијата во Општината, редакцијата на НетПрес се обиде да стапи во контакт со Курто Дудуш, преку телефонските броеви објавени на официјалната страница на општината, но конечниот одговор беше „градоначалникот е излезен, јавете се во понеделник“.
Лицето кое се претстави како секретар на општината, а не сакаше да го открие својот идентитет, појасни дека Дудуш е излезен, ама не знае дали службено или приватно, и дека откако се распрашал меѓу вработените во Општината тие негирале дека имало тепачка. Според него лицето за односи со јавност Сабина Љатиф е на пат во странство, но исто така не знае дали службено или приватно. Одговор на испратените прашања преку маил за причините за тепачката исто така не добивме.
Дудуш, по вербална расправија, физички нападнал граѓанин и тоа во неговиот кабинет, неофицијално дознава НетПрес. Наводно причина за тепачката е расправија меѓу граѓанинот и некој од советниците во Општината.
Според нашите информации, Дудуш неколкупати го удрил со тупаници Сенад Ј. (40), во пределот на главата и лицето. Неофицијално, истепаниот е поранешен возач на градоначалникот на Шуто Оризари.
Во билтенот на МВР објавен на 01 мај, годинава, стои дека околу 11.30 часот во полициската станица Чаир, Сенад Ј. од скопското село Трубарево, пријавил дека на 30 април, 2019 година околу 13.20 часот во општина Шуто Оризари, К.Д. физички го нападнал.
Се преземаат мерки за расчистување на случајот.