Пукна тиквата и на Клинички. Огромниот револт и незадоволството на вработените, како што велат од Синдикатот, ќе го искажат преку протест наредната недела. Во изјава за Сител синдикалците рекоа дека од бројните ветувања изминатиот период, не добиле ништо и со 30 минутно излегување од работните установи сакаат да ги предупредат надлежните дека не се откажуваат од своите права и од линеарно зголемување на платите.
-Осум месеци преговараме со надлежните институции, ги поминавме сите инстанци…подадовме рака и за оние 2806 денари линеарно зголемување..ги добивте..не добивме ништо. Даваме рок од 4 дена, во среда имаме Совет во Синдикат и во среда излегуваме на протест, вели Предраг Серафимовски потпретседател на Синдикат на Клинички.
-Со тоа линеарно зголемување очекуваме да се реши таа голема дискрепанца што се случи со минималната плата..медицинска сестра со почетни 22.000 денари и некој од технички персонал со поголем стаж ја стигнува со плата, а одговорноста е далеку поголема. Револтот на клинички е огромен, вели Гордана Димевска, медицинска сестра и дел од Извршен на Синдикат на Клинички.
Според министерот за здравство Беким Сали, договорено било со Синдикатот да се пролонгира протестот за две недели, за да разговараат со Фондот и со Министерството за финансии. Но, синдикалните организации на Клинички не се согласиле со тоа бидејќи како што кажаа, што може да се смени за 14 дена кога осум месеци никој ништо не реализирал?
-За конкретна сума сега не можам да зборам бидејќи јас не ги одредувам финасиите, меѓутоа дека треба да се поддрши Клинички, да. Се договоривме вчера со синдикатот тој протест и штрајкот да го одложат за две недели, изјави Сали, кој додаде дека информации кои кружеле во комплексот клиники, дека платите на вработените ќе бидат намалени за 5 проценти, а дежурствата укинати, Сали вели дека се шпекулации со политичка позадина.