Состојбата во прилепската наменска фабрика „Еурокомпозит“ е крајно влошена, исклучена е електричната енергија и ништо не е решено од суштинските состојби за опстанокот на компанијата, соопшти во петокот синдикатот на овој загубар и најави дека во вторник повторно ќе се штрајкува пред Владата во Скопје.
Според Роберт Богданоски, претседател на синдикатот на „Еурокомпозит“, ситуацијата уште повеќе се влоши со исклучувањето на струјата поради неплатени заостанати сметки. Неофицијално, долгот зинесува близу 100.000 евра.
„Од вчера попладнето останавме и без струја за огромен заостанат долг што го направило претходното раководство. Работниците се дома, немаме работа и еве приморани сме од вторник да одиме пред владата, повторно да протестираме надевајќи се дека некој ќе има слух за нашите проблеми. Досега, по претходниот прес од понеделникот никој не прашал ниту се јавил од надлежните. Овој пат не станува збор за плата, таа обично ја добиваме околу 15-ти во месецот, но не се решава ништо суштинско. Овој пат бараме: решавање на проблемот со технолошкиот вишок, на заостанатите плати и придонесите. Најболни се неплатените придонеси за шест ипол години. Оние што заминале во пензија поради тоа земаат за три до 4.000 денари помали пензии. Немаме ниту здравствено осигурување и ова се доволни причини да одиме во Скопје и да протестираме“, рече Богданоски.
Пеце Велјаноски, член на синдикалната организација по денешниот на вработените им го прочита соопштението до јавноста и нивната порака до Владата.
„Немаме струја, ништо не се работи, и неизвесно е дали на 15-ти ќе земеме плата. Не е исполнето дека за шест месеци ќе се најде стратегиски инвеститор и немаме никаква информација за пакетот за технолошки вишок. Неплатени се придонесите и заостанатите плати и здравственото осигурување. Поради сето ова не ни преостанува ништо друго освен протест пред Владата со поставување шатори и останување се додека не бидат исполнети нашите барања ветени од Владата“, истакна Велјаноски.