Германската компанија „Маркарт“ официјално ја отвори својата фабрика во Македонија во индустриската зона Караслари во Велес. Во фабриката која се протега на 15.000 метри квадрати веќе работат 170 лица, од најавените 600 вработени. Досегашната инвестиција е 25 милиони евра, а се планира да достигне над 35 милиони евра.
На оттварањето на новата фабрика присуствуваа премиерот Никола Груевски, сопственикот на „Маркарт групацијата“ Харалд Маркарт, вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски, министерот за странски инвестиции Веле Самак, градоначалникот Славчо Чадиев…
Ова е првата поголема странска инвестиција во Велес и воопшто првата поголема фабрика која по 20 години се отвора во овој град, истакна премиерот Груевски.
Со отворањето на фабриката, како што рече, се прекинува традицијата на затворање фабрики во Велес што долги години наназад се случувало во овој град.
На почетокот кога ја објавивме инвестицијата на „Маркарт“ голем број жители на Велес не веруваа дека оваа фабрика ќе се изгради. Ваквата скепса беше сосема разбирлива поради фактот што транзицијата остави длабоки лузни во Велес и поради фактот што долги години наназад не се изградила ниту една нова фабрика во Велес, а напротив многу се затвораа. Од овие причини имам големо задоволство што таквата лоша традиција денес се прекинува, рече премиерот.
Според него, „Маркарт“ важи за еден од најголемите добавувачи на автомобилски делови во светот и нивниот влез во Македонија, уште повеќе го зајакнува имиџот на Република Македонија како земја на автомобилската индустрија. Ваквиот имиџ, како што рече, е етаблиран со имињата на Џонсон Контролс, Џонсон Мети, Кемет Електроникс, Текнохозе, Кромберт и Шуберт, Вистеон, Амфенол, Ванхул, Дрекслермаер, ОДВ Електрикс Костал, Гентерм, Монтанте груп, Леар и КСС. Сите овие компании, вклучително и Маркарт, веќе се присутни во Македонија и сами по себе се покана за многу други компании да инвестираат во Македонија.
Како што рече придобивка од доаѓањето на оваа компанија е значењето и праксата што ќе ги пренесе тука, како и вработувањето на лица со високо образование.
Груевски додаде дека доаѓањето на „Маркарт“ и на сите странски инвестиции ќе значи и поддршка за домашната локална индустрија како во Велес, така и пошироко. Премиерот порача дека поддршката што ја добивале од Владата ќе продолжи и понатаму.
Владата е тука да им помага и тоа не само додека да беа убедени да дојдат во Македонија, не само додека ја градеа фабриката туку и секогаш понатаму, рече премиерот и додаде дека тоа е ориентацијата на Владата и оти таа така работи.
Инаку, првите контакти за реализација на оваа инвестиција се направени пред седум години во 2008-мата година, во екот на економската криза. Во 2013-тата година беше објавена одлуката за инвестирање. Фабриката почна да се гради лани во април, а производството стартуваше во јуни годинава.
Фабриката во Македонија е нашата десетта фабрика и ќе игра значајна улога во Групацијата. Вкупната површина е 15.000 метри квадратни, а инвестицијата која ќе ја реализираме ќе биде над 35 милиони евра, рече сопственикот Маркарт.
Тој додаде дека во конкуренција со Македонија кога правеле избор каде да ја реализираат својата инвестиција биле уште две земји, но оти она што било пресудно да инвестираат во Македонија е добрата локација и сигурноста на Владата и политиките.
Македонија не беше на нашата листа за реализација на инвестицијата се додека претставниците на Владата не направија презентација. Во конкуренција беа останати други две држави, но вие сте победници, истакна Маркарт.
Министерот за странски инвестиции Веле Самак истакна дека ова е една од низата проекти во кој тој и неговиот кабинет биле вклучени. Посочи дека оваа инвестиција ќе придонесе на резултатите од веќе дојдените странски инвестиции во делот на извозот, како и на бројот на вработени.
Директна улога сме имале во фабрики и инвестиции како Џонсон Мети, Кронберт и Шуберт, Копикап, Дрекслермаер, Ванхол, Костал…. Заедно со Маркард овие проекти претставуваат една целина од над 200 милиони евра директни инвестиции, 12 илјади нови директни отворени работни места, и веќе може да броиме повеќе стотини индиректни вработени во домашни фирми, изјави Самак.
Тој додаде дека само последните три години странските инвеститори имаат 600 милиони евра дополнување на БДП, 2,7 милијарди евра извоз од Македонија и околу 100 милиони евра директна трговија со домашни фирми и истакна дека ова се ефектите на странските инвестиции на кои се надоврзува денешното отворање на „Маркарт“.
Според вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски, „Маркарт“ е технолошки најсофистицирана компанија во Македонија која ќе вработи голем број стручен квалификуван кадар. Нивното доаѓање, како што рече, го потврдува за исправен и успешен концептот на Владата за отворање локални економски индустриски зони и претставува резултат на успешна соработка на локалната и централната власт и резултат помеѓу правилно креирани и правилно извршени политики.
Потенцира дека Велес го гледа како индустриски град и оти покрај оваа се планираат уште две-три нови зони.
Велес беше индустриски град кој беше базиран на технологии кои еколошки не беа најприфатливи за луѓето и креираа други нус појави. Јас го гледам Велес како индустриски град со нови чисти индустрии, со инвестиции каде како во „Маркард“ има голем степен на додадена вредност, голем број вработувања и се разбира пристојни примања кои ќе значат и зголемување на животниот стандард, рече Пешевски.
Градоначалникот на Велес Славчо Чадиев рече дека ова е прва фабрика која се отвора во индустриската зона Караслари и оти таа претставува прв чекор во реализацијата на целта, односно индустриската зона да прерасне во зона каде ќе најдат работа повеќе велешани. Има 25 парцели и сите се продадени, „Маркарт“ купила уште една парцела.
„Маркарт“ произведува автомобилски системи за познати брендови како „Јагуар“ „Ленд Ровер“, „Рено“, „Фиат“, БМВ, „Сканија“ , „Крајслер“ и други. Работи во девет земји, има над 8.800 вработени и одбележува 90 години постоење.
Владата работи на привлекување на уште една странска инвестиција во Велес и како што рече премиерот станува збор за браунфилд инвестиција во напуштена фабрика и се очекува истата да се реализира наскоро.
Влезот на германската компанија „Маркарт“ во Македонија е уште едно исполнето ветување кое премиерот Груевски го даде пред граѓаните во март 2013-та, каде и тогаш најави дека ќе бидат вработени 600 лица.