Американскиоттехнолошки гигант „Apple“ е првиот бренд чијашто вредност надмина трилион долари, а ривалката „Nvidia“, исто така, се проби на врвот со речиси трипати поголема вредност од минатата година, покажа истражувањето на Kantar BrandZ.
Вредноста на брендот на „Apple“ се зголемил за 15 отсто во однос на минатата година и трета година по ред ја зацврсти водечката позиција на светското рангирање. На второ место е „Google“, чијашто вредност на брендот достигна 753 милијарди долари, а на трето е „Microsoft“ со 713 милијарди долари, објави Kantar.
Претходно во текот на седмицата „Apple“ ги претстави новите функции за вештачка интелигенција (AI) кои треба да ја зголемат побарувачката на паметните телефони iPhone и да го сменат трендот на намалување на продажбата во услови на нестабилни трошоци во САД и силна домашна конкуренција во Кина, најголемиот светски пазар на мобилни телефони.
„Apple постојано успева да испорачува производи, услуги и (маркетиншки) пораки коишто имаат добар одек кај потрошувачите, создавајќи силна база од обожаватели на брендот“, вели аналитичарот на „Counterpoint“, Варун Мишра.
„Apple“, со пазарна капитализација од 3,18 трилиони долари, е пред „Nvidia“, моќен производител на чипови за вештачка интелигенција чијашто пазарна вредност е 2,97 трилиони долари.
Вредноста на брендот на „Nvidia“ е речиси тројно зголемена во споредба со минатата година, достигнувајќи 200 милијарди долари. Сурфајќи по бранот ентузијазам за вештачка интелигенција и зголемената побарувачка на чипови, „Nvidia“ така првпат се проби во првите 10 највредни светски брендови на рангирањето на Kantar, заземајќи го шестото место.
„Nvidia е посебна затоа што и малопродажните и институционалните инвеститори веруваат дека ќе игра централна улога во тектонските промени во технологијата“, објаснуваат од Kantar.
Помеѓу десетте највредни светски брендови, „Oracle“, кој нуди услуги во облак базирани на вештачка интелигенција, се најде на деветтото место, со вредност на брендот за 58 отсто повисока од минатата година, од 145 милијарди долари.
Истражувањето на Kantar се заснова на повеќе од 4,3 милиони разговори со потрошувачи во 532 категории и опфаќа 21.000 различни брендови на 54 пазари.