Европската идеја од пред 120 години од Крушевскиот манифест за слобода, обединување и просперитет е веќе на дофат. Сега, како што ви е, верувам, познато, Република Северна Македонија, граѓаните и во прв ред политичките фактори во земјата се пред уште една голема и одлучувачка одлука. Дали ќе продолжиме напред кон евроатлантското интегрирање на земјата, нешто за што сме се определиле како држава уште од осамостојувањето во 1991 година или ќе заглавиме на слепиот балкански колосек кој нѐ не води никаде, е избор што треба да се донесе со надминување на хировите, согледување на реалноста и излегување од тесните и себични партиски интереси кои ветуваат некаква друга иднина која и за најголемите оптимисти е нереална фатаморгана, порача денеска од Мечкин Камен претседателот на Собранието Талат Џафери.
Како што потенцира Џафери во обраќањето на големиот народен собир по повод државниот празник 2 Август, Денот на Републиката – Илинден, ова не се времиња за наивни надмудрувања кои ќе резултираат со крајно иреверзибилни последици од кои никој потоа нема да може да се извлече.
Според него, имаме една заедничка држава и сите сме одговорни да ја чуваме и развиваме, а заедништвото нема цена.