По повод верскиот празник Задушница, Министерството за внатрешни работи информира дека во саботата и неделата, односно 10-ти и 11-ти февруари, во периодот од 06,00 до 16,00 часот на гробиштата во Бутел, во Камник и во Ѓорче Петров каде се очекува големо присуство на верници и зголемен интензитет на сообраќајот, од страна на сообраќајната полиција ќе бидат преземени посебни мерки за безбедно и непречено одвивање на сообраќајот во посочените реони.
Поради изведување на градежни работи на улицата „Александар Урдаревски“, во реонот на гробиштата Бутел, коишто сѐ уште траат , идентично како и во ноември минатата година, дел од оваа улица ќе биде забранет за сообраќај.
Сообраќајниот режим на движење на возилата ќе се одвива по улицата „Боца Иванова“ во правец од кружниот тек на улицата „Александар Урдаревски“ кон пристапните влезови на гробишта Бутел, а излезот ќе се одвива по улицагта „Боца Иванова“, лево, по улицата „Александар Урдаревски“ кон клучка „Мирковци“ (обиколница).
По потреба сообраќајот ќе биде пренасочен и на гробишта Ѓорче Петров по улицата „Црногорска“ а на гробишта „Камник“ по улицата „Јужноморавски бригади“ со улицата „Роман Каскалиевич“.
„Апелираме до сите граѓани учесници во сообраќајот да се почитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници и да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, како и сообраќајната регулатива за променетиот режим на сообраќај“, информираат од МВР.