Врховниот суд скептичен кон предлогот за забрана на кандидатурата на Трамп

Врховниот суд на САД во четвртокот ги сослуша аргументите во случајот со обидот на сојузната држава Колорадо да ја блокира кандидатурата на републиканецот Доналд Трамп на ноемвриските избори, но неговите судии од двете страни на политичкиот спектар изразија сомнеж во валидноста на таквата одлука.

Врховниот суд ги сослуша аргументите дали поранешниот претседател треба да биде дисквалификуван да се кандидира повторно за Белата куќа, односно да не се најде на гласачкото ливче во сојузната држава, поради настаните од 6-ти јануари 2021 година, кога неговите поддржувачи насилно се обидоа да ја спречат потврдата за победата на актуелниот демократски претседател Џо Бајден.

Врховниот суд во Колорадо одлучи Трамп да не биде кандидат бидејќи учествувал во „бунт“ против американската држава, по што случајот е префрлен во Врховниот суд во Вашингтон. Одлуката на највисокиот американски суд ќе важи за сите сојузни држави, откако во нив беа поднесени низа тужби против републиканецот.

Пресудата во Коларод се смета за тест случај за пошироките напори на политичкиот неокознервативен и неолибераријански естаблишмент да се дисквалификува Трамп од државните гласачки ливчиња според член 3 од 14-тиот амандман, кој беше донесен по Граѓанската војна во САД за да се спречат поддржувачите на Конфедерацијата да служат во владата.

Одлуката на Колорадо, а подоцна и на Мејн, се однесува само на прелиминарни избори во март, но може да влијае и на позицијата на Трамп за главните избори избори во ноември. Тоа го зголеми притисокот врз Врховниот суд на САД да ги реши прашањата за подобноста на Трамп на национално ниво според уставната одредба позната како Дел 3 од 14-тиот амандман.

Но, судиите на Врховниот суд во четвртокот изразија скептицизам во врска со аргументите на Колорадо. Тој суд има конзервативно мнозинство, со тројца судии именувани во текот на мандатот на Трамп, но двајца либерални судии, Елена Каган и Кетанџи Браун Џексон, исто така, покажаа неодобрување на повикот на Колорадо да се забрани кандидатурата на републиканецот, пишува The News York Times.

Конечната одлука нема да биде донесена брзо, но се смета најдоцна до 5-ти март, таканаречениот „супер вторник“, кога самото Колорадо и уште 14 други сојузни држави одат на прелиминарните избори.

Дерек Мулер, експерт за изборно право на Правниот факултет Нотр Дам, кој поднесе неутрален поднесок во кој ги анализираше клучните правни прашања, откако Врховниот суд на САД ги слушна усните аргументи, рече дека судиите најверојатно ќе го вратат Доналд Трамп на гласачкото ливче во Колорадо.

„Се чинеше дека судиите се загрижени дека една држава може да влијае на целиот процес на претседателски избори и оти се потребни одредени насоки од Конгресот пред да се преземе таква вонредна мерка“, рече Мулер додавајќи дека изгледа „дека Судот е склон да дозволи политичкиот процес да се одвива“.

Мулер рече дека неколку судии изразиле непријатност поради тоа што државите ја спроведувале забраната без некакви насоки од Конгресот.

„Не е изненадувачки да се види како судиите изразуваат непријатност поради предлогот Врховниот суд на САД да треба да влезе во ваков вид фактичко и правно мочуриште“, рече Милер.

Поранешниот претседател Доналд Трамп ги изнесе своите забелешки откако Врховниот суд на САД ги сослуша усните аргументи во случајот за неговата подобност да биде на претседателското изборно ливче.

„Добрата вест е дека водиме во речиси секоја анкета“, рече Трамп во коментарите од неговата резиденција на Флорида.