Северна Македонија забрзано старее, а ако продолжи загрижувачкиот тренд на иселување на младите, за десет години земјата може да се соочи со загрижувачки последици. Демографскиот аларм е одамна вклучен. Последната деценија се појавуваат трендови кои укажуваат дека вртоглаво се намалува бројот на младото население, поради што во државата остануваат пред сѐ пензионерите, пишува Дојче веле.
– Северна Македонија е старец на 74 или старица на возраст од 76 години – вели статистичарот Дончо Герасимовски кој за Дојче веле, со една реченица ги отсликува сите трендови коишто се случуваат во земјата последната декада.
Според статистиката, жените во просек живеат две години подолго од мажите, па оттаму и просечната возраст на жените во Македонија е околу 76 години.
Статистичките податоци јасно покажуваат дека Македонија како држава е во длабока демографска старост.
– Староста се мери над 60-65 години со 12 проценти учество, а кај нас ќе стигне веќе 20%, што е двојно повеќе од она што е просекот во однос на возрасната структура на населението во една земја – укажува тој.
Според податоците од пописот, од 2002 до 2021 година бројот на работоспособно население се намалил за 171.317 жители, или 12,4%, додека бројот на старо население над 65 години возраст, се зголемил за 17,2% или за 101.619 лица. Најстаро население има во неколку скопски општини, како и во Битола, Прилеп, Велес, Охрид итн. Во Северна Македонија има и 51 лицe на возраст над 100 години.
На Северна Македонија ѝ се случува демографска катастрофа. Во поедини региони и општини состојбата е драматична поради намалување на наталитетот на живородени деца, а зголемување на морталитетот. Младите заминуваат, има села каде со години не се раѓа ниту по едно дете, има недостиг на ученици и во основните и во средните училишта, што може да доведе до нивно затворање.
– Населението се намалува од 2019 година, но проблем е што наталитетот е намален за повеќе од 5.000 живородени деца, а морталитетот е зголемен за околу 3.500. Тоа доведува до негативни појави во однос на демографската состојба. Тоа е појава која што загрижува во однос на поедини региони и општини – вели Герасимовски.
Според последните податоци од пописот и анализите за првите шест месеци од годинава, се покажува тренд на негативен природен прираст – населението се намалува во шест од вкупно осум региони во државата.
– Исклучок претставуваат само Полошкиот и Скопскиот регион, со едно минимално зголемување на бројот на население од околу 200 до 250 жители, а во останатите шест региони тоа драстично се намалува – вели тој.
Особено е загрижувачка ситуацијата во Пелагонискиот, Источниот и Југо-источниот регион. Во Пелагонискиот регион има негативен природен прираст за 1.400 – толку е намалено населението по природен пат, а има зголемување на ниво на државата во двата региони само за 350, што значи дека е за четири пати намален во Пелагонискиот регион. Ова доведува и до намалување на младото население, иднината и „моторната сила“ на државата, од која што се очекува просперитет и развој.
Карактеристични е тоа што се намалува младото население – тоа пак предизвикува проблем во основните и во средните училишта. Има се помалку ученици, се затвараат училишта и тој негативен тренд се чувствува веќе втора деценија по ред. Ваквиот процес тешко може да се спречи.
Повеќе за темата прочитајте на Дојче веле.